Заедничко чествување на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев – за нови години неразбирање

Великан на македонското национално револуционерно дело, рече за Гоце Делчев македонскиот премиер Димитар Ковачевски. За Кирил Петков, бугарскиот премиер, Гоце Делчев е бугарски револуционер што е значаен за двата народа. И двајцата се согласни дека Македонија и Бугарија треба да бидат добри соседи. Mакедонскиот претседател Стево Пендаровски изјави дека „ова е чин на добра волја од двете страни да ги олабавиме малку тензиите, кои за жал во последнава една година се прилично високи во таа билатерала поради бугарската блокада“. Бугарскиот претседател Румен Радев пак упорно тупи со лоцирањето на “загрозени Бугари“ во Македонија и “иредентисти“ во Бугарија (мисли на оние кои се изјаснуваат како македонско малцинство таму).

Како понатаму?

Лидерот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов упати честитка по повод 150-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.

Според него, Делчев е апостолот на Македонската револуционерна организација.

„Гоце Делчев бил Бугарин онолку колку што се Бугари Македонците кои денес имаат бугарски пасош. Вечна ти слава Војводо македонски“, стои во објавата на Ангелов.

Левичарскиот институт „Рацин“ организираше трибина „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на Гоце Делчев“. На трибината професорката Билјана Ванковска изјави дека да беше ова свет и време какви што ги замислуваше Гоце, 150-годишнината од неговото раѓање ќе се чествуваше во Кукуш, неговиот роден град, и тоа од обичните луѓе, соседи и пријатели, а не од политички претставници на две држави.

– Неговото разбирање на светот, а со тоа и на Балканот, како поле на културен натпревар меѓу народите ќе требаше да се одбележува токму така: со културни и уметнички манифестации, зошто не и спортски, научни. На манифестациите ќе учествувавме сите, без оглед дали сме Македонци, Грци, Бугари и без оглед на која страна на границата живееме. Натпреварот и немаше да биде вистински натпревар (во смисла на ривалство кој е подобар), туку со презентирање на сето она што е најдобро и што го носиме со себе, со кое сме ја афирмирале својата култура и народ.

Онаа лицемерна ЕУ во своето мото ја има идејата за единство во различностите (тоа би било во духот на Гоце кој така размислувал кога големите сили од Европа уште војувале меѓу себе). Таа денес дозволува нејзините (во случајов две, балкански) членки да дејствуваат врз база на моќ, со уцени и шовинизам, административно бришење на македонскиот идентитет како таков, и тоа не само на нивните територии, туку и тука во ова едно парче земја кое конституираше македонска држава. И тоа го смета за европска вредност и „разрешување на конфликти“! Идеите на Гоце се живи, ама запретани некаде, нечујни од тапаните на војната која се покажува некаде на хоризонтот. Гоце се борел за еманципација на Македонецот и за ослободување на Македонија, но не за Македонија која ќе биде газена, додека облекува војнички чизми за да гази на туѓи територии. Слава му! Тој го стори тоа што можеше, па и повеќе од тоа, жртвувајќи го сопствениот живот. Сега е прашањето што правиме ние, кои се сметаме за негови наследници, за наследници на неговото дело, рече Ванковска. 

(МКД.мк)

Останати вести