Затвореник ја тужел државата затоа што не му дозволувала да јаде Веџимајт

Судот во Викторија ја одби тужбата на затвореник кој отслужува доживотна казна за убиство, а кој тврдеше дека забраната за консумирање на популарниот австралиски намаз Веџимајт го нарушува неговото право да ужива во австралиската култура.

Андре Мекечни (55) покренал постапка пред Врховниот суд на Викторија, тврдејќи дека со забраната му се ускратува правото да „ужива во својата култура како Австралиец, во заедница со други луѓе од австралиско потекло“.

Судијката Клер Харис оценила дека забраната е оправдана, бидејќи им помага на затворските власти во борбата против внесувањето и распространувањето нелегални дроги и алкохол во затворите.

Таа посочила дека неможноста на Мекечни да консумира Веџимајт првенствено произлегува од фактот што тој е затвореник.

Затворските службеници сведочеле дека Веџимајт е забранет во 12 затвори во Викторија во последните 20 години. Причините за забраната се сомневањата дека намазот може да ја намали способноста на кучињата трагачи да откриваат наркотици, како и фактот што содржи квасец, кој може да се искористи за производство на алкохол.

Мекечни првично тврдеше дека недостигот од Веџимајт довел до намалување на нивото на тиамин, односно витамин Б1, во неговиот организам, но подоцна се откажал од овој аргумент.

Како Евреин кој ги почитува правилата за кошер исхрана, тој не консумира свинско месо, кое исто така е извор на овој витамин.

Судијката оценила дека е тешко да се прифати оти неможноста да јаде Веџимајт, а не самото издржување затворска казна, е главната причина за неговата тага и отуѓеност од семејството.

Таа го прифатила и аргументот на затворските власти дека Мекечни не приложил соодветни докази за да го поткрепи тврдењето дека Веџимајт не влијае врз способноста на кучињата трагачи да откриваат недозволени супстанции.

Управникот на државната затворска служба, Кевин Вајт, се повикал на јавно достапни истражувања според кои Веџимајт го забрзува процесот на ферментација при домашното производство на пиво.

Останати вести