Зеленскиј не знае колку ќе трае војната: Досега се убиени околу 3.000 украински војници, загубите на руската војска се поголеми

Од почетокот на руската инвазија на Украина меѓу 2.500 и 3.000 украински војници се убиени, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленскиј во интервју за Си-Ен-Ен.

Тој и се обрати на нацијата, велејќи дека е тешко да се предвиди колку долго ќе трае војната иако знае многу повеќе информации за намерите и можностите на руската армија отколку некои медиуми.

Зеленскиј рече дека има околу 10.000 ранети украински војници. Нема податоци за бројот на цивилни жртви, изјави украинскиот претседател.

Тој истакна дека загубите на руската војска се многу поголеми и дека загинале 19-20 илјади руски војници. Москва минатиот месец објави дека 1 351 руски војници биле убиени, а 3 825 биле ранети.

Зеленскиј ја опиша воената ситуација на југот и на истокот на земјата како „се уште многу тешка“, фалејќи ги неговите вооружени сили.

Русите држат околу 700 заробени украински војници и 1.000 цивили

Руските сили држат во заробеништво околу 700 украински војници, се надоврза вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук.

– Што се однесува до армијата, ние, во принцип, имаме приближен паритет: имаме повеќе од 700 нивни затвореници, а тие имаат приближно ист број, рече Верешчук.

– За жал, има многу наши цивили во заробеништво. Тие заробија повеќе од 1.000 луѓе и, за жал, околу 500 од нив се жени. А ние, очигледно, постојано ќе повторуваме дека нема да менуваме војници за цивили, тоа е забрането со Женевските конвенции. Ние нема да го прекршиме меѓународното хуманитарно право и затоа бараме ослободување на цивилите без никакви услови и префрлање на украинска страна, рече Верешчук.

Останати вести