Големата фудбалска легенда, Златан Ибрахимовиќ многу веројатно в недела ќе го одигра последниот натпревар пред домашната публика на Милан. Швеѓанецот со балкански корени се мачи оваа сезона со повреди, неговото тело не може да го издржи тешкиот ритам и иако тој има огромна желба, веројатно ја игра последната активна сезона.
Потенцијалното повлекување веќе го најавија угледни фигури на „чизмата“ како Пепе Ди Стефано, Антонио Витиело, но пишуваа и „Скај Италија“ и останатите медиуми. Подетална анализа за ситуацијата направи Ди Стефано, кој всушност е и близок пријател со Ибра.
– Златан веројатно ќе ја заврши кариерата на крајот на сезоната. Добив информации од еден играч на Милан дека на последниот тренинг плачел од болки, но игра со анестезија, иако Пиоли и докторите му забрануваат. Тој е спремен да игра само 5-10 минути, но сака да е тука и да го освои скудетото. Ибра не тренира со тимот до петок, туку индивидуално, коленото го мачи навистина многу. Иако сака последен обид во ЛШ, Златан 90% ја завршува кариерата. Коленото му отекува и го спречува да трча, операција би одземала долго време. Мислам дека ако ја освои титулата со Милан, тоа е тоа, напиша Ди Стефано.
Ибрахимовиќ заедно со Стефано Пиоли е меѓу главните за „ренесансата“ на Милан, а иако не допринесе којзнае колку на теренот, тој има огромно влијание во соблекувалната со својот авторитет.
Сезонава на 22 натпревари во Серија А, Ибрахимовиќ постигна осум погодоци и запиша три асистенции, за вкупно 988 минути на теренот. Доколку навистина реши дека е време за крај, в недела на распродадениот „Сан Сиро“ ќе добие спектакуларно испраќање од 80.000 фанови.