Зошто трошок од A$1.3 милиони за гласање на дијаспората со излезност од 30%, и зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората на 24 и на 8 мај гласаше само на претседателските избори, бидејќи не беше исполнет условот за тоа да се случи и за парламентарните (беше потребно да се пријават најмалку 5.355 гласачи). За гласање беа регистрирани нешто под 2.600 иселеници и во првиот круг од претседателските избори излезноста беше 39.8% додека во средата само околу 27%.
Инаку и овојпат бројот на пратеници во Собранието на Македонија ќе биде 120. Теоретски иселениците можат да изберат уште 20 пратеници (парламентот по Устав може да има до 140 пратеници) но досега тоа не се случило. Имавме во два наврати по три пратеници од иселеништвото – по еден од Европа, Северна Америка и Австралија.
Како што објави ДИК за годинешните избори биле предвидени A$1.3 милиони за покривање на трошоците за изборите во дијаспората. Се дознава само дека летот за странство го имаат остварени вкупно 191 член на одборите за дијаспората.
Македонија има 52 дипломатски претставништва (амбасади имконзулати) низ светот каде што може да се организират избори. Носителите на македонско државјанство во странство имаат право да гласаат за претседател на државата и за пратеници во Собранието. Но има два предуслова: да има пријавено минимум 10 заинтересирани иселеници за гласање по ДКП и (за пратеници) да се пријават најмалку онолку колку што добил избран пратеник во Македонија со најмалку гласови.
За разлика од порано, кога сите членови на избирачките одбори доаѓаа од Македонија сега според Изборниот закон претседателот и неговиот заменик се бираат од редот на вработените во Дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) додека останатите членови се на предлог на партиите од власта и опозицијата кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови. По можност од државата во која се организира гласањето.
Од ДИК потсетија дека тие не организираат ниту финансиски покриваат престој на избирачките одбори во периодот меѓу двата круга на претседателските избори, туку ангажираните лица се враќаат назад веднаш по завршување на изборниот ден согласно временската зона.
Колкаи се дневниците исто така не е јавно познато зашто се регулирани во зависност од земјата во која се наоѓаат.
Дијаспората има потреба од електронско гласање
За сега никој не спомнува дали би можело да се организира гласање по електронски пат. Од ДИК велат дека немаат ингеренции да предлагаат закони.
Познато е дека дијаспората е хендикепирана за нормално гласање бидејќи далечините за да се дојде до гласачката кутија се толкави што бараат посебни подготовки, земање слободни денови и доста пари. На пример Македонец од Перт треба да лета до Мелбурни или Канбера за да гласа (со преспивање), па ако се претседателски избори патот ќе го минува двапати!?
Во дел од европските земји иселениците гласаат или по електронски пат или по пошта и гласачкото ливче го испраќа до ДКП. Австралиските државјани во странство гласаат по пошта.

Останати вести