Измамник од Велес им ставал „кубански вакцини“ на десетици пациенти со рак во Македонија

Велешанецот М.А. со години измамувал десетици пациенти со карцином во Македонија, на начин што им вбризгувал „кубанска вакцина“ против рак во нивните домови како надеж за подобрување на здравствената состојба, а притоа наплаќал илјадници евра, иако оваа вакцина не е регистрирана во Македонија, ниту, пак, е потврдено што има во составот на инјекциите кои им ги ставал на болните.

Оваа афера ја откри „Слободен печат“ кој контактирал десетина семејства на пациенти, од кои најголемиот дел се починати. Тие за една доза од таканаречената „кубанска вакцина“ на велешанецот му плаќале 3.200 евра. Парите му ги предавале некогаш на бензинска пумпа, другпат на автопат, во плик, на трансакциска сметка… Потоа, кога ќе влезел дома кај пациентот, велешанецот ги сокривал иглите и амбалажата од присутните „како магионичар“, одбивал да им го даде пакувањето од „вакцината“ и всушност до ден денешен не знаат што примиле нивните блиски кои страдале.

Откако бил разоткриен дека „кубанската вакцина“ не е тоа што тој тврдел дека е, велешанецот одбивал да ги врати парите на син на жена која боледува од рак, објавува „Слободен печат“. Затоа синот отишол и го пријавил во полициската станица Кавадарци.

Синот уште тврди дека успеал да ја земе вакцината, во која имало останато неколку капки – и дека ја однел лично во лабораторија во Србија. Добил резултат дека внатре има само физиолошки раствор. Според него, велешанецот постојано го манипулирал дека е „на линија“ со лекари од Србија кои даваат толкување на резултатите од крвните анализи на неговата мајка. Но, синот освен вештачењето на остатоците од вакцината презел и други чекори за проверка – отишол во болницата во Србија и таму добил писмен извештај дека неговата мајка воопшто никогаш претходно не била лекувана таму, ниту заведена, а му кажале и дека не лекуваат рак со такви вакцини, ниту имаат посредници во Македонија.

Велешката полиција на 31 јули годинава по барање од СВР Куманово и судска наредба извршила претрес во домот и помошните простории на М.А. (47) од Велес. Синот на заболената жена од Кавадарци го пријавил случајот на 21 август (дека биле измамени од М.А. за сума од 3.200 евра) по што на 9 септември велешката полиција извршила службен разговор со пријавениот. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопштиле од МВР за „Слободен печат“.

Инаку највисоката сума што М.А. ја наплатил е од едно семејство од Струмица – 15 илјади евра, а парите биле собрани од донации во странство. Пациентот починал пред неколку дена. Велешанецот неколку пати доаѓал во домот каде пациентот престојувал во Струмица, во рамото му администрирал вакцина и веднаш си заминувал. Пациентот подолго време живеел во странство (Ирска), а во Македонија се вратил за да биде третиран од страна на надрилекарот кој му администрирал барем 3 дози од „кубанската вакцина“. Но, во јули или во август годинава велешанецот ја прекинал секоја комуникација и оттогаш пациентот психолошки почнал да паѓа, а надеж имал само во „кубанската вакцина“ на измамникот. Воопшто не се пријавил за конвенционален медицински третман за рак на Клиниката за онкологија во Скопје.

Во Македонија не постои „кубанска вакцина“ која е регистрирана во Агенцијата за лекови. Велешанецот, кој е без никакво медицинско образование, за најголемиот дел од пациентите инсистирал вакцината да им ја администрира во нивниот дом под изговор дека „не треба да се мачат и да патуваат“.

Така, во Битола на 25 април и на 5 мај годинава, во домот на пациент болен со карцином кој сега е починат, домашните биле во големо исчекување на велешанецот, што им ја претставил „кубанската вакцина“ како шанса. За две вакцини семејството му исплатило 6.300 евра. Првата вакцина му била платена во кеш, а втората на трансакциска сметка.

– Ми беше сомнителен. Но мојот сопруг инсистираше да ја прими „кубанската вакцина“. Кога се договоривме да ја прими вакцината, ни кажа дека мора да се прими веднаш, дека ќе ја донесе во специјален куфер на одредена температура. Но кога влезе кај нас дома, си ја носеше вакцината в раце. Вакцината изгледаше како ампула. Ја скрши, со шприц му ја стави во рамото. Маж ми после тоа неколку пати му побара документација од Србија, сертификат дека ја примил вакцината, но никогаш не доби такво нешто. Велешанецот беше премногу убедлив, кога сопругот ќе го прашаше зошто билорубините растат кај него – му одговараше дека за една недела ќе почнат да паѓаат. Сопругот втората вакцина ја прими на 5 мај. Еден месец подоцна почина, вели за „Слободен печат“ сопругата на починатиот и побарала да ѝ биде заштитен идентитетот.

Има сведоштво и од девојка од Велес, која е медицинско лице.

– Јас ја примив кубанската вакцина во Велес и знаев дека е измама. Но, кога ќе дознаеш дека имаш метастази и плус околу мене сите беа преплашени, ме убедија да ја примам. Три илјади евра. Многу добро изработена инјекција. Не во обичен шприц туку како со клип. Во кафеав плик, доаѓа дома и ти ја пушта. Демек има и шифра и ти вели „сега те водат под таа шифра во Белград“. Кога му барав јас да контактирам со докторите во Белград, ја заташка работата, не ми дозволи. На почетокот бара крвна слика, но откако ќе му ги дадете парите ништо не бара, раскажува таа за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ се обратил и кај велешанецот М.А. со прашања: што има во вакцината, од каде ја набавува, дали е регистриран добавувач, дали таа е регистрирана во МАЛМЕД, колку пати ја администрирал до сега и колку пари наплаќа по доза. По големо инсистирање тој одговорил дека „бројот на оние на кои им е помогнато е многу поголем од оние што плукаат“.

– Можам само да ви кажам дека самите пациенти ме бараа после добри резултати, а јас не појдов кај нив ниту сум ги присилил на такво нешто. Вакцината е „Цимивах“. И ве молам да објавите од кога ќе ви ги кажам сите информации после Обвинителство. Ќе имате ексклузивна изјава со сѐ точно. Би ве замолил до тогаш да не објавувате, рекол М.А.

Според него, вакцината ја набавувал „преку Србија“. Но во Србија редакцијта на „Слободен печат“ пронашла една здравствена установа во која се нуди оваа вакцина. Но, начинот на кој изгледаат флаконите не кореспондира со изгледот на „кубанските вакцини“ што М.А. им ги ставал на пациентите ширум Македонија. Во упатството за „кубанска вакцина“ во Србија, пишува дека два флакони се мешаат, по што дозата се аплицира на четири места – во двете рамења, и во левата и десната страна на задникот. На сите пациенти со чии семејства разговараше „Слободен печат“ – М.А. инјекцијата со непозната содржина им ја ставил само во едното рамо.

Велешанецот со „кубанските вакцини“ не се појавил на судење и за друга измама за која е пријавен

Зоран Вујовиќ, претставник на Кубанскиот институт во Србија, за „Телма“ изјавил дека „кубанските вакцини“ што со години им ги вбризгувал велешанец на терминално болни пациенти со рак ширум Македонија – мора да се измама, затоа што никој не би смеел да ја продава вакцината ако нема дозвола за тоа, а со 47-годишниот М.А. никогаш не соработувал.

– Значи терапијата е скапа, на секои 15 денови се дава по една инекција, на лево и десно рамо, и на лев и десен колк. Се даваат пет тури, и може да чини околу седум илјади американски долари. Но, ова кај вас мора да е измама. Транспортот мора да е во ладен ланец и температурата да биде од 2-8 степени. Значи тие нешто можеби шверцуваат и убиваат луѓе, вели за „Телма“ Зоран Вујовиќ, претставник на кубански институт за Србија.

Дополнително, 47-годишниот М.А. против кого Обвинителството сега отвори истрага за измама со „кубански вакцини против рак“, е обвинет и за друга измама, ама на тоа судење не се појавува. Во тој судски случај сопственик на фирма од Охрид го пријавил велешанецот во својство на раководител на здружение на лица со телесен инвалидитет. Баш во ова здружение во Велес некои од пациентите ги примале „кубанските вакцини против рак“, на столче.

Фирмата од Охрид аплицирала за европски грант за да изгради адреналински парк во Охрид, ама 600 илјади денари никогаш не легнале на нивната сметка.

Останати вести