Илинденски измачувања: И мечка досега ќе научеше да се однесува цивилизирано, ама нашите не

Во Македонија се одблежа Денот на Републиката кој ги инкорпорира двата Илиндена – 119 години од Илинденското востание во 1903 и 78 години од првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944. Централната прослава се одржа традиционално (како што е од 1968 година наваму) на Мечкин Камен во Крушево, каде државната делегација беше предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Сплетот од народни игри и носии на сите етници присутни во Уставот потсети на времето на југословенското братство-единство

Бројни делегациии на државните институции, партии и амбасади положија цвеќиња на споменикот а премиерот одржа говор.

– Не постои поголем патриотизам од носење државнички одлуки. Како Македонци кои говорат македонски јазик сега ни е отворен простор на европската маса. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик – истакна Ковачевски. Тој повика сите, независно од националната, етничка, верска, политичка или друга припадност, да покажеме патриотизам на дело и да продолжиме по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат што го избравме.

Имаше и културно-уметничка програма која како да имаше намера да ја врати во оптек паролата за братство-единство од времето на Југославија – со оро и мелос “од Вардара па до Триглава“ во кои беа застапени сите 6 етнички заедници спомнати во Уставот: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци.

Илинденските коњаници, пак, решија да ја бојкотираат централната манифестација организирана од државата. Дел од нив одбија да се појават на Гумење претходната вечер, кога се отвораше манифестацијата “Десет дена Крушевска република“ а преку платото на Мечкин Камен поминаа со повиците “Никогаш северна, само Македонија“.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и лани, го напушти Мечкин Камен откако положи венец и пред говорот на премиерот Ковачевски. Како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, тоа било поради партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ.

– На сите кои што не се членови на СДСМ, вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ, им е забрането да пристапат тука. Илинденското востание е македонско, и тоа е јасно и го знаат сите, го знае цел свет. Било, е и ќе остане македонско!, рече Николоски.

По социјалните мрежи имаше многу замерки дека се ангажирани околу илјада полицајци, како униформирани така и во цивил, како и дека се претресувале сите коли кои доаѓале во Крушево а на угостителите и продавниците во градот дури им било забрането да продаваат алкохол!?

Претседателот на Собанието, Таљат Џафери, беше во меморијалниот центар во Пелинце. Таму се одбележуваше празникот Ilindeni.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски имаше најактивен ден: прво положи венец на споменикот на Методија Андонов Ченто во центарот на Скопје, потоа имаше церемонија на доделување ордени во Вила Водно а на крај замина во манастирот “Прохор Пчињски“ (Србија) на чело на државно-црковна делегација. Таму беше пречекан од српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и од владиката Пахомије – истиот тој кој не ги пушташе македонските делегации во манастирот, кој ја уништи спомен-собата на првото заседание на АСНОМ па дури ја тргна спомен-плочата која одвај со молби беше поставена на надворешната страна од влезот на манастирот. Овојпат немаше непријателство. А во замена за отстранетата спомен-плоча сега во внатрешноста на манастирот, на еден параклис е поставена нова.

– Ова е местото кадешто е формирана современата македонска држава. Од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па правевме некакви алтернативни, паралелни прослави во близина, но не и овде, кадешто е навистина одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција, во која 2 Август, ова е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука, и од тука натаму, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да одадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година, рече претседателот Пендаровски.

Останати вести