„Империја“: Камчев се спогоди – исплати пет милиони на државата, добива и симболична една година затвор

Бизнисменот Орце Камчев се спогоди за случајот „Империја“. Обвинението ќе биде повлечено и за неговата сестра Кристина Камчева – Стојчевска, како и за мајка му Ратка Куноска – Камчева. Камчев во државниот буџет веќе исплатил 5,3 милиони евра. Со судската спогодба, тој се согласил да добие една година затвор, со што, случајот за него ќе биде целосно запрен. Но нема да лежи бидејќи во ефективен и домашен притвор има поминато тамам толку.

Исто така, Камчев заедно со Ненад Јосифовиќ ќе и исплатат и 1,7 милиони евра на Кираца Трајковска, која беше акционерка во „Фершпед“ и се водеше за оштетена во случајот бидејќи Камчев и Сашо Мијалков беа осомничени дека ја измамиле и ја натерале да ги продаде акциите, од кои за неколку дена заработиле околу три милиони евра.

Спогодба со Обвинителството во судот има и бизнисменот Ненад Јосифовиќ. Тој исто така се спогодил со обвинителката Лиле Стефанова и добил една година затвор. Со оглед дека повеќе месеци беше во притвор, тој ќе може да побара одлагање и да користи погодности.

Иницијатива за спогодување има и ексдиректорт на УБК Сашо Мијалков, како и осомничен во „Империја“. Засега, нема склучена спогодба и со него се преговара.

Обвинителката Стефанова веќе кажа дека спогодувањето зависи од тоа дали осомничените бизнисмени се спремни да ги вратат парите кои ги стекнале со кривични дела во буџетот.

Истовремено, одмрзнат е и имотот, со оглед дека оштетеното побарување е наплатено по спогодувањето.

Првичната истрага за „Империја“ според Обвинителството покажала дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие, според првичната истрага и информациите кои Обвинителството ги споделуваше, го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

Сега, прогонот за Камчеви и Јосифовиќ за дел од случајот „Империја“ кој се однесува за перидоот до 2009 година е запрен. Останува и натаму да се види дали Стефанова ќе се спогоди или ќе поднесе обвинение за бизнисменот Цветан Панделески, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Дали ОЈ му го заборави на Камчев делот за МПМ и за офшор компаниите?

Според официјалното соопштение објавено од страна на Обвинителството за Камчев се затвори само еден дел од случајот, кој е поделен на повеќе делови.

“За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како „Империја“, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука“, се вели во соопштението на ЈО.

Ова значи дека Камчев спогодбата ја направил за дела кои Обвинителството му ги ставаше на товар за периодот од 2004 до 2009 година, односно за затаен данок од 5,2 милиони евра, кој се согласи да го плати и за кој доби затворска казна од една година. Поточно, тој со спогодбата призна вина за делот за кој тврдеше дека обвинителката Лиле Стефанова му го конструирала, за да може екс специјалната обвинителка Катица Јанева да го рекетира.

Делот пак од „Империјата“, кој го опфаќа периодот од 2009 година до 2018 година, а се однесува на перење на пари преку офшор компании, поради што и е замрзнат имотот на „Ексико“, „Дивелоп Груп“ и дел на „Бествеј“ продолжува и за него се очекува обвинение.

Исто така Камчев е еден од осомичените и во делот кој произлезе од „Империја“, односно случајот „МПМ“. За овој дел осомничени се и Срѓан Керим, кој е еден од 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика на МНР и поранешната директорка на МПМ, Јасна Станисављева. Неофицијално, тие се гонат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите. Поранешните новинари и поранешни вработени во МПМ кои останаа и без работа и без плати, во отворено писмо до јавноста Керим го нарекоа гробар на најквалитетните весници во Македонија.

Останати вести