Им одѕвони на интернет клеветите

Прајминистерот Скот Морисон најави дека владата ќе воведе закон со кој ќе ги натера социјалните мрежи да го откријат идентитетот на анонимните клевети и навреди и ќе одговараат за тоа. Според некои проценки, ова би можело да биде еден од најстрогите закони против тролови во светот, но експертите се уште се на мислa дека неговиот фокус на клевета нема да помогне во сузбивањетo на стапката на злоставување на Интернет и ширењето на клевети.

„Светот на Интернет не треба да биде Див Запад каде фанатици, психопати и други, анонимно кружат наоколу и можат да им наштетат на луѓето, да ги повредат и малтретираат на кој било начин“ – изјави прајминистерот Морисон.

Додаде дека такви работи не можат да се случат во реалниот свет и затоа нема причина да се дозволува тоа во дигиталниот.

Како што известуваат медиумите, објавата следи по септемвриската пресудата на Врховниот суд со која е утврдено дека социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, можат да се сметаат за одговорни за коментарите кои нивните следбеници ги постираат на нивните мрежи и интернет форуми.

Според законот, дигиталните платформи како Твитер или Фејсбук ќе се сметаат за издавачи, што ги прави одговорни з клеветнички и погрдни материјали на нивните платформи. Морисон рече дека компаниите исто така ќе мора да го отстранат и „дигиталниот штит“ кој во моментов им го обезбедуваат на анонимните тролови на мрежата, како и да ги достават нивните кориснички податоци до државните органи.

Имено, според новиот закон, социјалните мрежи би биле обврзани да собираат податоци од сегашни и идни клиенти, а исто така би биле обврзани на судовите да им дозволат пристап до идентитетот на корисниците за да се покренат случаи за клевета.

Засега не е јасно кои личните податоци ќе се собираат, но постојат индиции дека тоа би вклучувало телефонски број, адреса на е-пошта и име на корисникот на налогот.

Морисон додаде дека владата ќе побара пробни случаи за да ја зајакне примената на законот и ќе ги поддржи луѓето на кои им е нанесена неправда доколку немаат доволно средства сами да покренат судски спор.

„Ќе ги поддржиме во судовите и во парламентот, бидејќи сакам да се погрижам нашите деца да бидат безбедни на Интернет“ – рече Морисон. Освен тоа, прајминистерот истакна дека во Австралија се почитува слободата на говорот, но таа значи и преземање одговорност за кажаното, а многу ботови и тролови се кријат зад лажни профили.

Морисон вели со цел да се заштитат граѓаните, особено жените и децата, кои се најчесто жртви на онлајн вознемирување, компаниите мора да имаат процеси за брзо и ефикасно отстранување на клеветничките содржини.

„Не треба да можете да ја користите наметката на анонимност на Интернет, за да ги ширите вашите гнасни, клеветнички коментари“ – беше коментарот на државната обвинителка Микаелија Кеш.

Во исто време, предлог-законот ќе се соочи со одлуката на Високиот суд во случајот на Фајерфокс медија, кој смета дека сите онлајн сајтови се одговорни за коментарите кои ги дава трета страна под нивните објави на социјалните мрежи, а кои се сметаат за навредливи или клеветнички.

Меѓутоа, лидерот на лабуристите Ентони Албанезе ги критикуваше приоритетите на владата во борбата против дезинформациите на Интернет во новиот закон и рече дека „ако прајминистерот сака да се пресмета со дезинформациите на социјалните мрежи, треба да почне од луѓето во неговата влада“.

Експертот за сајбер омраза и автор на книгата „Лов на тролови“, Џинџер Горман, изјави дека законот нема да направи доволно во борбата против злоупотребата на социјалните мрежи.

„Мислам дека ова е премалку и предоцна, бидејќи веќе е направена толку многу реална штета, а овој закон не оди доволно далеку. Владата мора законски да ја пропише задолжителната должност на интернет платформите за да ја заштитат јавноста на мрежите. Но, социјалните мрежи постојано објавуваат вознемирувачки содржини и воопшто не се одговорни за тоа“ – истакна Гормен. Таа го додаде примерот на Германија, каде платформите можат да бидат казнети до €50 милиони доколку не избришат постови кои содржат расистички, клеветнички или друг незаконски говор во рок од 24 часа. Според неа, тоа покажува дека владите можат да преземат сериозни мерки. Истражување на организацијата Амнести интернешенел за злоупотреба на интернет од 2018 година покажа дека 30 отсто од испитаниците доживеале вознемирување преку Интернет, а речиси половина од оние кои потврдно одговориле биле на возраст меѓу 18 и 24 години.

Дополнително, 37 отсто од жените кои доживеале злоупотреба или вознемирување на Интернет рекле дека барем еден инцидент ги навел да се плашат за својата физичка безбедност.

Останати вести