Иницијатива: Државата скоро две години издавала лични документи со неуставно име,сега нека да го плати вадењето на нови

Дали државата издаваше лични документи со неуставното име по промената на името во 2019 година? Личните карти и пасоши со “Северна“ почнаа да се издаваат од 23 август 2021 година. Зошто за промената на важечки документи граѓаните сами ги плаќаат трошоците? МВР се до август 2021 година продолжи да издава пасоши и лични карти (плус возачки, сообраќајни…) со „Република Македонија“ на кои стои дека имаат важност во следните десет години. Зошто тогаш реската одлука дека по 12 февруари тие повеќе нема да важат!?

Актуелните, важечки, лични карти со старото име Република Македонија, според изјавите на надлежните ќе престанат да важат на 12 февруари 2024 година, без разлика колкава им е важноста на траење, што значи пет години по стапувањето на сила на уставните измени со кои се преименува државата согласно Преспанскиот договор со Грција. Според најавите на надлежните, треба да се сменат пасошите, возачките дозволи, таблиците на возилата, но и договорите на граѓаните со јавните претпријатија!

Голем револт има кај граѓаните затоа што во Скопје, на пример, нема доволно слободни термини за да се закаже за нова лична карта (најрано е во ноември). Немир создава и најавата од Државната изборна комисија дека без важечка лична карта нема да може да се гласа во ситуација кога претседателските избори се очекуваат во март, а парламентарните наводно во јуни.

Неколку поединци веќе поднесоа кривични пријави против Зоран Заев и Оливер Спасовски (за злоупотреба на службена позиција) но и претставки до Народниот правобранител со барање – државата да ја плати промената на важечките документи. Барем на оние издадени помеѓу јануари 2019 и август 2021, на кои стои “Република Македонија“.

– Знаеме дека уставните измени беа изгласани на 11 јануари 2019 година. Кога сетоа тоа ќе се објави во “Службен весник“, еден месец по седницата на 11 јануари, во правна сила е употребата на новото име на државата. Ова значи дека не било законски на 4.5.2021 година да ми биде издадена лична карта со старото име и сега повторно од мене да се бара да вадам нова лична карта за туѓа грешка, во овој случај на институциите. Сметам дека МВР имала доволен период да се подготви за печатење на новите документи и за тоа да ме информира навремено. За овој случај пред неколку дена поднесов и претставка до Народниот правобранител, а ќе барам МВР да ми испечати и издаде нова лична, односно на нивен трошок да си исправат грешката што ја тие ја имаат направено, објаснува Атанасиј Методијевски Карадакоски за “Радио слободна Европа“.

И според Борче Давитковски, професор на правниот факултет во Скопје ова е обврска која треба да ја плаќа државата, а не уставен и оценува дека ова може да биде оспорено пред Уставен.

– Точно дека не е евтино за државата, промената на документите чини многу пари, ама, еве, државата ќе гради автопати и ќе плати најмалку 500 милиони евра од парите на даночните обврзници само за експропријација на приватен имот. Ако има толку за експропријација, веројатно има и за документите, што секако е државна, а не граѓанска обврска. Ова може да се оспори на Уставен суд, но секако и судот сам би требало да реагира. Кога државата го менува Уставот и донесува уставен закон, тогаш е обврска на државата тоа што го наметнува и да го плати, а не да биде обврска на граѓаните. Тие имаат важечки лични карти, како и други важечки документи и нивното менувањето не е должност на граѓаните, туку на државата. Исто е и со локалната власт – кога советот на некоја општина ќе смени име на улица, должност на советот е и да им ја плати промената на документите на жителите на таа улица. Значи, ова вака наметнато е скандалозно – изјави професорот Давитковски за “Слободен печат”.

Тој потсетува дека другата страна, Грција, не го почитува Преспанскиот договор.

– Сега се вратив оттаму, а и другите граѓани гледаат дека таму ништо не е сменето, на патоказите и натаму си стои ФИРОМ.

И од канцеларијата на Народниот правобранител сметаат дека трошоците за да се извадат новите документи треба да ги плати државата, ако не сите тогаш барем личната карта, што секој мора да ја има. Зашто граѓаните си ја извршиле својата должност и си обезбедиле важечки документи кои државата, во еден момент, сега ги огласува за неважечки!?

Ниту една институција или суд во државата досега не реагирале затоа што Министерството за внатрешни работи, односно Владата две години откако беа изгласани уставните измени за промена на името во Република Северна Македонија, издаваа лични документи на граѓаните со старото име „Република Македонија“.

Останати вести