Инфлацијата во јули 16% на годишно ниво – храната и транспортот поскапеле за речиси 25%

Во јули годинава за 16% пораснале трошоците за живот во однос на истиот месец лани, односно толкава е измерената инфлација на годишно ниво според Државниот завод за статистика.

Најмногу поскапеле храната и безалкохолните пијалаци,  за речиси една четвртина, односно 23,6%, транспортот за 24% и трошоците за домување, односно комуналиите, за 15,8%. За истиот процент поскапело и јадењето и пиењето во ресторани, хотели и други угостителски објекти. Најмалку поскапеле трошоците за комуникации, само 0,4% и  образованието за 0,2% .

Здравствената заштита поскапела за 3,6%, мебелот за 8,5%, рекреација  и култура за 7,6%, итн.

Кај храната, за една година најголемо поскапување има кај маслата и мастите – дури 51,9%, лебот и житата имаат повисоки цени за 36,5%, месото поскапело за 21,4%, млекото, сирењето и јајцата за 23,5%, зеленчукот за 23,3%. Алкохолните пијалоци од јули лани до јули годинава се поскапени за 8,5%, додека безалкохолните за 13,9%.

Помало зголемување има кај овошјето кое летово е поскапо за 3,5%, додека трошоците за електрична енергија се зголемиле за 20,2 %.

Во периодот јануари – јули, односно првите седум месеци годинава кумулативната инфлација искажана преку индексот на трошоците на живот е 10,9%.

Народната банка има измерено стапка на инфлација од 7,7% за вториот квартал од 2022, додека годишната инфлација во 2021 беше 4,9%.

Останати вести