Во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, во соработка со Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, објавена е електронската брошура „Историски прирачник против големогрчката пропаганда“, чиј автор е историчарот Александар Донски.
Во брошурата на едноставен начин е даден бескомпромисен одговор на фундаменталните големогрчки артикулации од областа на историјата. Така, на пример, во брошурата ќе прочитате дека:
– Постојат сведоштва од близу педесет старогрчки и други антички автори кои јасно тврделе дека Македонците биле посебен народ во однос на Хелените (од страна на Римјаните, со доза на потценување, именувани како “Грци“, име што до денес им останало) и дека зборувале на посебен македонски јазик, кој бил неразбирлив за Хелените. Латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф дури запишал и дека Македонците и Хелените (Грците) во тоа време меѓусебно комуницирале преку преведувачи.
Изданието е достапно бесплатно на македонски и англиски јазик, а најавено е и грчко издание. Брошурата е наменета за Македонците од егејскиот дел на Македонија, како и за пошироката јавност.
Во прирачникот, преку историски извори и фолклорни сведоштва, се обработуваат прашања поврзани со античките Македонци, нивниот јазик, култура и идентитет. Авторот презентира аргументи за посебноста на Македонците во однос на Хелените, се осврнува на хеленизирањето на личните имиња во античките записи и посочува примери од македонскиот фолклор и традиција кои, според него, имаат корени од античкиот период.
Донски оценува дека брошурата има цел да придонесе кон зачувување и афирмација на македонскиот национален идентитет и историско наследство.
Изданието е поставено за бесплатно преземање на интернет страницата на Pollitecon Publications: www.pollitecon.com.