Иџе го заврши маратонот со огромна победа во Чешка

Игор Стефановски-Иџе стигна до втората победа во овогодинешниот шампионат на ФИА на ридско брзински трки, откако првото место од Португалија го потврди и во Чешка.

Популарниот Иџе беше недопирлив и имаше убедливо најдобро време по двете мерења на патеката Штернберк во Чешка, со што на најдобар можен начин го заокружи маратонот кој го имаше во изминатите неколку дена.

Стефановски имаше проблеми со искршениот автомобил и цел негов тим имаше тешка задача да го подготви за трка по силниот судар во Шпанија, но и самиот Иџе откри дека имал маратон со поминати 2,5 илјади километри во ден и половина, односно пат од Македонија до Италија и од Италија до Чешка.

Сето тоа се исплатеше поради последното возење и фантастичната победа, која е втора за него оваа сезона по онаа во Брага (Португалија) пред неколку седмици.

Иџе зад себе ги остави Диетхард Штернад и Рене Вамрут.

Останати вести