Како економските санкции кон Русија ќе се одразат на Македонија?

Македонија најмногу извезува лекови и јаболка во Русија

Македонија се приклучи кон санкциите што ги воведе меѓународната заедница против Русија поради инвазијата врз Украина и тоа го наметнува прашањето за ефектите врз македонската економија. Точно е дека Русија е дури на 20-то место како трговски партнер на Македонија и дека трговската размена е само 1,2 % од вкупната трговска размена на земјата, како што соопшти гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска.

Но истовремено Русија е голем консумент на македонскиот извоз на земјоделски производи, па најголеми штети се очекува да претрпат агро-фирмите кои традиционално извезуваат таму, а оттука штети ќе претрпат и индивидуалните земјоделци како производители.

– Ситуацијата станува алармантна со извозот на нашиот зеленчук затоа што Русија и Украина беа за нас најповолни земји за извоз од повеќе причини – вели Блажо Витанов, менаџер за продажба од „Империал фуд“.

Меѓу причините е тоа што тој пазар е одамна воспоставен за македонските агро-извозници, но и тоа што, за разлика од Европската унија, во Русија и во Украина нема толку високи и строги стандарди за увоз на зеленчук.

– ЕУ имаат свои параметри што извозниците на зеленчук мора да ги исполнат и да ги постигнат нивните стандарди за квалитетот и пакувањето на производите, а такви фирми-извознички во Македонија нема многу. Ние дел од производството го пласираме на пазарот на ЕУ, но скептик сум дека ќе може поголемиот дел од производите да се пласираат таму – вели Витанов за „Слободен печат“.

Тој додава дека секогаш е тешко пробивањето на нови пазари и дека тоа повлекува да се конкурира со пониска цена на производите што, пак, е прашање колку ќе биде исплатливо за земјоделците.

Според Витанов оваа сезона се очекува пад на цените на земјоделските производи од Македонија не само за извоз туку и за домашниот пазар.

– При формирањето на цените една работа е кога вие ја нудите стоката, а друга работа е кога вам ви бараат стока за откуп – вели тој.

Засега нема проблем со продажбата на зимската зелка и со пролетната што допрва стасува, но вистинските последици по земјоделството од оваа воена криза ќе се почувствуваат кога ќе стасаат доматите, пиперките и краставиците. И за овие земјоделски производи останува да се направи обид да се извезе што поголем дел во ЕУ бидејќи пласман на пазарите во арапските земји е уште потежок – и тие имаат строги стандарди, а освен тоа поради географската оддалеченост транспортот ја прави продажбата на производите неисплатлива за директните производители.

Останати вести