Камчев ставен на црната листа на САД: Интензивно се занимава со корупција“!

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД го стави македонскиот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев на својата црна листа.

Потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање, Брајан Е. Нелсон, наведе дека Камчев ја злоупотребил својата позиција, впуштајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи агенда за своја корист, а на сметка на демократските институции и граѓаните на Македонија.

Министерството за финансии го опишува Камчев како бизнисмен кој интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари.

Како резултат на оваа акција, целиот имот и интереси во имотот на Камчев што се во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани и мора да се пријават на Канцеларијата за контрола на странски средства.

„Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во случајот “Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси“, образложија од САД.

Се посочува и дека Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Македонија во негова корист.

Се споменува и случајот „Рекет“, за кој велат: „Во 2020 година, главниот обвинител на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главниот обвинител и другите, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“.

Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер рече дека санкциите од Министерството за финансии на САД ќе влијаат не влијаат само врз бизнисите и имотот на Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него.

Агелер е децидна дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Македонија, бидејќи корупцијата има последици.

Останати вести