Квалификации за ЛШ: Шкупи непоразен се врати од Загреб, ќе се решава во Скопје

Фудбалерите на Шкупи, македонскиот шампион од неодамна завршеното првенство, одиграа 2:2 во допадлив натпревар на „Максимир“ и со реми се вратија од првиот меч против Динамо Загреб. Хрватскиот клуб важи за еден од најдобрите на Балканот, па така реваншот од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите во Скопје ќе биде супер возбудлив.

Чаирските “гулаби“ први поведоа по една конфузија на одбраната на загрепските “модри“ со голот на Фреди Алварез во 26 минута. Но пред крајот на првото полувреме Динамо израмни со голот на Аријан Адеми со глава.

Домашните поведоа со 2:1 во 86. минута. По една долга акција Оршиќ со глава спушти топка до Адеми, тој тргна да шутира, ама топката се одби до Петковиќ и тој поентираше.

Но, радоста им траеше кратко затоа што во 89. минута голманот Ливаковиќ влезе несигурно при една топка, а тоа го искористи „џокерот“ од Јамајка, Реналдо Цефас, кој со елегантен шут лобува за конечни 2:2.

Реваншот меѓу Шкупи и Динамо Загреб се игра на 26 јули од 21:00 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје (на 27 јули во 05 часот според EST во Австралија).

Останати вести