Седумдесет и седумгодишниот Питер Идс починал откако бил нападнат од тригодишен кенгур што го чувал како миленик. Идс бил пронајден тешко повреден на неговата фарма за алпаки во Редмонд, 400 километри јужно од Перт.
Полицијата соопшти дека била принудена да го убие животното за да можат лекарите да пристапат до повредениот маж. За жал, му немало спас и бил прогласен за мртов уште на самото место.
Австралија е дом на околу 50 милиони кенгури, кои можат да пораснат до два метра и да тежат до 90 килограми. Сепак, нападите со смртни последици се исклучително ретки. Последниот пријавен фатален напад од кенгур се верува дека бил во Нов Јужен Велс во далечната 1936 година.
Експертот за кенгури, Грем Колсон, вели дека иако нападите од овие животни не се невообичаени, но дека „многу, многу ретко се фатални“.
– Тие се големи животни, имаат остри нокти и остри заби, силни нозе и, секако, ако се заглавени во ќош или во некој вид на неволја, тоа може да биде доста опасно, рече вонредниот професор Коулсон.
Австралијци со искуство во одгледување кенгури сведочат дека тие се мошне живи и агресивни откога ќе созреат полово (на 18 месеци возраст) па до кај три години. Хормоните ги прават агресивни а сега е и период на парење.
Оваа година во инциденти со кенгури биле повредени и 67-годишна жена и тригодишно девојче.