Ен Братон од САД мислела дека нашла инвестиција во која ќе вложи шест илјади долари и ќе заработи четири милиони. Не ни насетила дека зад огласот за купување „Трамп картички“ можно е да стои група луѓе од малото гратче Велес во Македонија, кое веќе стекна неславна репутација по користењето на името на поранешниот претседател на Америка.
„Задолжително пишете за да ви бидат дадени конкретни упатства како да ги измамите Американците“, е една од пораките на македонски јазик од затворениот „Телеграм“ канал до кој може да се пристапи само со одобрение на администраторот, а во кој има продавачи од Велес.
Новинарите од „Радио Слободна Европа“ (РСЕ) по неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата „Телеграм“, идентификувале 69 луѓе кои создале лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп (Trump). Новинарите пронашле и 88 веб-страници кои биле активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на „американските патриоти“.
Бројот на продавачи кои комуницираат со клиентите можно е да е многу поголем, бидејќи неколку затворени канали на „Телеграм“ имаат во просек по околу 300 членови.
Велес, кој има нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред американските избори во 2016 година, кога светските медиуми открија дека во него се креирани повеќе од 100 политички веб-страници, каде се споделуваа лажни вести, кои ја фаворизираа политиката на Доналд Трамп.
Погоре спомнатата 86-годишна пензионерка од предградието на Нешвил во американската сојузна држава Тенеси се заинтересирала за оглас што го видела на „Телеграм“ кон средината на минатата година, а во кој се рекламира продажбата на дебитна картичка со ликот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Според текстот на огласот, секоја картичка веќе требало да има на неа уплатено 200 илјади долари. Како што сведочи за РСЕ, таа купила 20 картички, платила 6.000 американски долари за нив и мислела дека обезбедува инвестиција за своето семејство од која на крајот ќе инкасира 4 милиони долари.
Матрицата на прв поглед е едноставна. На американските граѓани им се пласира приказна според која производите со ликот на Доналд Трамп, купени денеска, ќе вредат милиони долари по враќањето на власт на 45-от претседател на САД. Всушност, на продажба се нудат целосно безвредни картички, монети, налепници, стикери и бројни слични производи, со ветувања дека по враќањето на Трамп на чело на САД, тоа ќе бидат пари во оптек.
Приказната за брзото финансиско враќање на вложените пари се дистрибуира преку различни интернет канали, најчесто на оние кои го поддржуваат поранешниот прв човек на Америка.
Засега нема реакција од надлежните органи ниту во САД, ниту во Македонија за доведување во заблуда на американските граѓани.
Анализата на РСЕ покажува дека картичката TRB Collect што ја купила пензионерката од Тенеси е производ кој е креиран во затворениот Телеграмски канал „TRB Collect Card + Save America Coin“. Каналот, пак, започнал со работа на 12 септември 2023 година. Упатствата за продавачите се на македонски јазик.
И видеата на кои Трамп рекламира TRB картички и вели дека тоа е уникатен производ од кој сите ќе заработат пари се дипфејк, односно се создадени со помош на една форма на вештачка интелигенција (deep learning) која може да манипулира со изразите на лицето, синтетизираат говор и лице и на тој начин произведуваат лажни изјави.
Ваквите реклами и понатаму се шират во отворени канали каде што се споделуваат лажни вести, теории на заговор познати од голем број конзервативни американски блогови, во вестите се величаат успесите на Трамп, а претставниците на администрацијата на претседателот Џо Бајден се остро критикувани.
Од 88-те анализирани сајтови со помош на алатката DomainTool, со едноставно пребарување не е можно да се откријат сопствениците на ниту еден од нив. Домените се регистрирани кај американската компанија NameCheap INC. Адреса на сајтовите во скоро сите случаи е во градот Рејкјавик, Исланд.
Дигиталната патека од сајтовите дополнително ги води клиентите до платформата за плаќање, која во овој случај е CopeCart. Оваа компанија е формирана во Германија и нејзината филијала во САД има лиценца за бизнис во Флорида од јануари 2022 година.
Токму на американскиот дел од платформата се регистрирани повеќе од 80 веб-страници кои ги анализирал РСЕ. Со прегледување на производите кои се регистрирани на платформата може да се утврди дека 90 отсто од понудите на виртуелните трговци во продажбата се „Трамп картички“, монети и слични производи од овој тип.
Интересно е што сите производи што ги анализира РСЕ имаат предупредување во описот дека се сувенири.
Кога на улица во Велес ќе видат млад човек во скап автомобил викаат дека е „кликач“ затоа што всушност нивната работа е сведена на тоа – кликање. „Кликачи“ се оние кои направиле пари од фејк страници или фејк производи на интернет.
Според податоците на македонската Управа за јавни приходи, за последните две години 98 лица од подрачјето на град Велес, на возраст до 35 години, пријавиле приход од САД во износ од 634.198.939,00 денари (повеќе од 11 милиони долари).
Како што наведуваат во своите одговори за РСЕ, најголем дел од овие приходи се остварени од маркетинг и интернет услуги.
