Личните карти, кои се документи за внатрешна употреба, ќе важат и по 12 февруари кога истекнува нивниот рок за замена, додека за пасошите ќе се бара решение и ќе се разгледаат сите опции, рече премиерот Димитар Ковачевски.
– Ќе ги испитаме сите опции со цел, ако има потреба, да се направи пролонгирање во делот на пасошите бидејќи тие им служат за граѓаните да може да патуваат надвор од земјата, рече Ковачевски.
Вработените во Министерството за внатрешни работи веќе имаат издадено 1.2 милиони пасоши во државата и според премиерот треба да им се оддаде признание за трудот дека работеле напорно во последните неколку месеци.
Откако јавноста со месеци е сведок на редици и хаос пред пунктовите за замена на документите, претседателот Пендаровски јавно предложи Владата да го пролонгира рокот за замена на личните документи до септември или октомври, наместо до февруари.
Претходно министерот за внатрешни Спасовски ја информираа јавноста дека и покрај обврската за промена на документите со новото уставно име, сепак казни за оние кои нема да стигнат да го направат тоа пред крајниот рок – нема да има.
Важечките документи ќе бидат валидни на шалтери, во банки па и за гласање на избори.
Рокот од пет години за замена на личните документи на граѓаните со новото уставно име на државата истекува на 12 февруари согласно Преспанскиот договор со Грција, што стапи на сила во 2019 година. Но Договорот од Преспа предвидува дека промената на личните документи ќе го следи отворањето на поглавјата со ЕУ и тоа да заврши пет години оттогаш. А земјата се уште не отпочнала со пристапните преговори со ЕУ!?
Од другата страна Грција не ги почитува своите обврски – досега не е сменет ниеден патоказ на нејзините патишта (па дури отворено се вели дека тоа нема никогаш да го сторат нивните локални власти под чија надлежност се тие).
