Ковачевски и Ахмети (со Таравари) се пресметаа со Заев и неговиот план за широка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

Влезот на Алијанса за Албанците во владата не носи поголемо парламентарно мнозинство, бидејќи истовремено во опозиција заминаа Алтернатива и Демократски сојуз, а се дистанцираше и „огнената група“. Но, оваа политичка операција носи стабилност и кохезија. Освен што Ковачевски и Ахмети со помош на Таравари се ослободуваат од притисокот на „огнените“ во ДУИ, тие ја намалуваат можноста Заев да ја потресе власта преку структури со кои сè уште има коректни релации и комуникација.

Ова е заклучокот на една анализа на неделникот “Фокус“.

Реконструкцијата на Владата се оценува како “акробација без математичка ќар но со политички есап“.

Имено, Владата повторно има поддршка од 64 или 65 пратеника но стабилноста е поголема. Не зависи повеќе од притисокот на тројцата “огненени“ пратеници на ДУИ. Доби осум “верни“ пратеника од Алијанса а загуби тројца од Алтернатива, плус тројца од “огнените“ и Павле Трајанов од ДС. Едноставно, 8-те пратеници на Алијанса се стабилни и дефинитивно ќе ја анулираат реалната закана дека некој ќе го напушти мнозинството и со тоа ќе ја загрози Владата.

На овој начин и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се ослободи од притисокот на „огнените“ за да го жртвува Груби. И тоа се виде веднаш: со еден потег Ахмети (го назначи Бујар Османи за координатор на чаирскиот огранок) ја презема базата на “огнената група“ и ги исфрли од позиција да го уценуваат. Вакво преземање ќе се случи и во вториот баастион на “огнените“ – Сарај.

Бркање на заевизмот

Врз основа на одредени неофицијални информации, во политичките кругови се прават анализи дека соработката меѓу Ковачевски, Ахмети и Таравари има и една скриена цел, а тоа е бркање на духот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во поткрепа на оваа теза, се наведуваат неколку аргументи.

Прво, факт е дека дел од луѓето и структурите кои се отклонуваат од Владата на Ковачевски своевремено соработуваа и склучуваа договори со Заев, а дел од нив со него до ден денес имаат коректни релации. Впрочем, Заев на заминување после поразот од локалните избори го направи договорот со Алтернатива за спас на владата.

Како што е познато, тој ги водеше преговорите со Африм Гаши и Беким Сали, а со себе го зеде и Ковачевски, што беше дел од промоцијата за негов наследник на лидерската и премиерската позиција. Сега, кога Алтернатива се жали дека СДСМ не го почитува политичкиот договор, од сегашната владејачка гарнитура, како што се дознава, му велат дека тој договор го направил во време на Заев, а не на Ковачевски.

Покрај тоа, Заев до ден денес одржува комуникација со пратеникот на ДУИ Меџити, но со Кастриот Реџепи, кој исто така е дел од „огнената група“. Според упатените, Заев и Меџити имаат комуникација од времето кога беа градоначалници на Струмица и на Чаир, а двајцата беа на иста линија кога ДУИ се кршеше дали да го растури долгогодишното партнерство со ВМРО и да се сврти кон СДСМ.

Тоа не значи дека Заев целосно стои зад активностите на „огнените“ и ги поддржува нивните напори за елиминација на Груби. Дури, одредени извори велат дека и Меџити и останатите „огнени“ немаат преголема доверба во Заев. Меѓутоа, високи партиски извори тврдат дека кај Ахмети постојат стравувања дека може да проработи и прогресира оваа огнено-струмичка врска.

Заев договарал широка коалиција со Мицкоски

Неодамна, во јавноста излегоа информации (потврдени) дека Заев одржал средба со Ковачевски, Миле Зечевиќ, Венко Филипче, Радмила Шекеринска и одбрано друштво што гравитира околу СДСМ. Воедно, присуствувал и претставник на една маркетинг и пр-агенција, која неодамна извршила мерење на рејтинзите на партиите.

Практично, овие анкети ја потврдиле значајната предност во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, која произлегува од сите јавно објавени анкети во последниот период. Врз основа на тоа, Заев предочил дека СДСМ ќе изгуби на следните избори, по што сдсмовците, како што посочил, ќе бидат влечени по улици.

За да се спречи таков исход, тој предложил своевиден план за спас, кој предвидувал одржување на предвремени парламентарни избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во следните 8 години. Притоа, премиерот требало да го даде изборниот победник, а губитникот да биде застапен според постигнатиот резултат.

Овој план, според Заев, предвидувал дефакторизација на Левица, но од игра би требало да отпадне и ДУИ, со тоа што 25 отсто од владиниот колач би добиле останатите албански партии.

Шокот бил во тоа што Заев ги уверувал присутните дека неговиот план е усогласен со Христијан Мицкоски.

Според Заев, со Мицкоски разговарале и амнестија за осудените за крвавиот упад во Собранието на 27 април.

По овие информации, Груби информираше дека со Ахмети биле на средба со Заев во Струмица, каде биле уверени дека тој воопшто не работи на уривање на владата, ниту на дефакторизација на ДУИ. Напротив, сите заедно работеле на заедничката цел за уставни измени, за да продолжат преговорите со ЕУ.

Со внесувањето на Таравари и Алијанса во Владата,  Ковачевски и Ахмети му го зедоа најсилниот албански потенцијален партнер на Мицкоски, но истовремено го засилија и фронтот против Заев, сечејќи ги гранките на кои би можел да се потпре ако одлучи да влезе во посериозен пакт со Мицкоски за рушење на владата, со цел да добие одредени концесии во иднина.

Можни сценарија

Кога станува збор за можните политички комбинаторики во текот на оваа година, која е последна цела година пред следната 2024 да се одржат и претседателски и парламентарни избори, се разработуваат неколку можни сценарија. Еден од клучните процеси од кој ќе зависи кое сценарио ќе се оствари се уставните измени.

Доколку опозицијата околу ВМРО-ДПМНЕ успее да остане на купче и да го блокира процесот на уставни измени, тоа ќе биде одличен амбиент да се оствари сценариото што се заговара во рамки на најголем дел од власта, а тоа е формирање на еден голем проевропски блок со сите, освен со ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Само едно вакво сценарио, во кое СДСМ би била стожерна партија во блок со многу партии, меѓу кои би биле и сите албански партии со исклучок на БEСА, ја носи со позиција да се надева на успех на следните избори.

Ова сценарио има голема аномалија за СДСМ – тоа секако би значело понатамошно топење на нејзиниот рејтингот што инаку значително каска зад ВМРО поради болните компромиси. Згора на тоа, ваква операција на сите против ВМРО би предизвикала разгорување на националистичкиот наратив и би го продлабочила јазот во рамки на македонското ткиво.

Меќутоа сите анкети покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избвори ќе биде убедлив победник. Мицкоски очекува дури 61 пратеник (што е нереално, Левица исто очекува десетина).

Сега во игра е и прекројувањето на изборниот закон и единиците за да се скројат по мерка на СДСМ и ДУИ.

Споени или одвоени избори

Верзијата со формирање голем таканаречен проевропски блок на СДСМ и албанските партии подразбира избори во првата половина на 2024 година. Прво идат претседателските (април) а потоа и парламентарните (јуни). Целта на Ковачевски и Ахмети е да се победи на претседателските избори со заеднички кандидат, а потоа да се искористи тоа за што повеќе пратеници на парламентаните.

Ако не се успее со проман ан Уставот до септември можно е да се оди и на предвремени избори веќе во ноември годинава. Но по нивното одржување тој што ќе ја приграби власта несомнено ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени (опозицијата нема да прави проблем).

Останати вести