Ковачевски: Нов пакет мерки вреден над 350 милиони евра за справување со кризата

По 3.000 денари во наредните 4 месеци за социјалните случаи и невработените и по 1.500 односно 750 денари за пензионерите со најмали пензии

Владата усвоила сет антикризни мерки за справување со енергетската и ценовната криза, соопшти премиерот Димитар Ковачевски. Целта е да се помогнат најранливите групи граѓани во претстојната зима.

– Ова е најтешка криза по Втората светска војна. Знам дека сите граѓани се загрижени, ќе биде тешко кај нас и во другите земји. Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и фирмите и донесовме сет на мерки во вредност од 350 милиони евра за справување со енергетската и ценовната криза. Усвојуваме таргетирани мерки за помош на најранливите групи граѓани. Не е време на изобилие, туку на солидарност, изјави Ковачевски.

Cо овие средства севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.

Во наредните 4 месеци по 3 илјади денари месечно треба да добијат корисниците на социјална помош, помош за попреченост, посебен додаток, нега од друго лице и невработените и оваа мерка опфаќа 42 илјади граѓани и ќе чини над 8 милиони евра. По 1.500 денари во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои добиваат пензија до 11.525 денари, а тоа се над 91.600 пензионери. По 750 денари ќе добијат пензионерите со пензии од 11.525 до 14.000 денари, а такви се над 66 илјади пензионери. За оваа мерка се издвоени 12,2 милиони евра.

Владата ќе обезбеди и помош за образовните и јавните здравствени установи. Школите ќе бидат на регулиран пазар на струја, за што се обезбедени милион евра. А јавните здравствени претпријатија ќе набавуваат струја од ЕСМ по далеку пониска цена од берзанската. Ќе има и струја за мерни станици на пумпи за вода, по поволна цена од берзанската, за да не останат без вода граѓаните кои се снабдуваат со пумпи, истакна премиерот Ковачевски.

Најавена е и помош за приватниот сектор, со поповолни кредити, субвенционирање на проекти за енергетска ефикасност и забрзан поврат на ДДВ.

Овие мерки треба да поминат во Собранието.

– Очекувам дека сите пратеници, освен Левица, ќе бидат на ниво на задачата и што побрзо ќе ги усвојат овие законски измени, кажа Ковачевски.

Останати вести