Ковачевски, Рама и Вучиќ го бојкотираат Брисел?

Рама најдиректен: “Целата ЕУ е киднапирана од Бугарија, со Македонија ќе добиеме уште едно ‘Не, извини!’. Па тогаш што бараме таму?“

Премиерите на Македонија, Албанија и претседателот на Србија најверојатно ќе го бојкотираат Самитот на ЕУ неделава.

– Во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит одржавме вонреден состанок на “Отворен Балкан“ заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, во среда до пладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел – напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, дури отворено изрази песимизам за почетокот на преговорите со Европската унија.

– Ние долго разговаравме со лидерите на Србија и Македонија за идниот самит на ЕУ. Се гледа дека уште едно „Не, извини“ ќе биде тоа што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакал за да се гледа! Што би правеле таму?! – објави Рама во вторникот вечерта.

И српскиот претседател Александар Вучиќ преку Инстаграм информираште за видео-конференцискиот разговор со Ковачевски и Рама, нагласувајќи дека одлуката за тоа дали ќе присуствуваат на средбата сите тројца ќе ја објават во среда на пладне.

– Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување, наведе Вучиќ во објавата на Инстаграм.

Останати вести