Од 1 декември стартуваше проектот „Сејф сити“ со интегрирани камери за сообраќајни прекршоци низ Скопје (минување на црвено светло, возење над дозволената брзина, не носење појас, користење мобилен). Системот до 1 јануари ќе биде во тест-фаза и испраќа само опомени, а од првиот ден во 2026 година ќе започне со процесуирање на казните. Казните ќе бидат доставувани по СМС и на е-пошта на сопствениците на возилата кои ќе бидат снимени од камерите.
Доколку глобата се плати во рок од 8 дена – тогаш износот е преполовен. Ако не во следните 8 дена прекршителот добива нова опомена дека ако не ја плати целата сума – ќе биде пренасочен на Суд за прекршоци.
Заедно со известувањето за прекршокот има и линк до фотографиите од конкретниот настан, така што судовите ќе бидат експедитивни (намерата е процесот да не тра еповеќе од 30 дена).
Во меѓувреме, возачите ширум Македонија масовно ја симнуваат и ја користат апликацијата „Waze“ за да ги избегнат ненамерните прекршоци. Корисниците веќе дигитално ја мапираа речиси целата мрежа на камери од „Сејф сити“, што им овозможува да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера.
Колкави се казните?
За пречекорување на дозволената брзина казните се движат од 20 евра за надминување до 10 километри на час, 45 евра за пречекорување од 10 до 30 километри, па сè до 300 или 400 евра за поголеми брзини, во зависност дали прекршокот е направен во населено место и колку е сериозен. Казните се плаќаат во денарска противвредност на искажаните суми во евра и тоа само половината доколку се плати во рок од 8 дена. При повисоки пречекорувања се изрекуваат и казнени поени, како и привремена забрана за управување со возило.
Поминување на црвено светло чини околу 300 евра и се санкционира плус со казнени поени, додека непочитување на знак „СТОП“ се казнува со 45 евра. Користењето мобилен телефон за време на возење, како и неносењето безбедносен појас, за возачот и за сопатниците, исто така се санкционира со парична казна од 45 евра.
Посебно строги се казните за возење под дејство на алкохол. При мала количина на алкохол следува парична казна, додека при поголема концентрација се изрекуваат повисоки казни, временска забрана за управување со возило, а во најтешките случаи и одземање на возачката дозвола.
За непрописно паркирање, казните најчесто се движат од 20 до 40 евра, во зависност од локацијата и прекршокот.