Конечно почна процесот за заштита на македонскиот рубин – уникат во Европа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост конечно направија заеднички состанок на кој беа дефинирани конкретни чекори за да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин како заштитено национално минерално наследство.
Македонскиот рубин (корунд) е геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и во Мариово и е единствениот рубин во Европа што природно се вади и обработува.
Геолошкиот завод ја претстави веќе одамна изработената анализа за правната заштита, која ќе биде надополнета во согласност со новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација.
Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розова боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа, кој се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.
Со создавањето на законска рамка за негова заштита конечно ќе се легализира и неговото копање, обработка и продажба. Засега процесот е во рамките на „сивата зона“. Има една единствена работилница за накит со корунд од која дури и државни институции порачуваат изработка на накити и украси и го подаруваат македонскиот рубин на странски диломати и политичари. Рубини од Прилепско добија Папата Бенедикт Шеснаесетти, филмските диви Кетрин Денев, Дерил Хана и други.

-Тоа што е за Кина кинескиот скапоцен камен жад, за Австралија опалот, за Иран и САД – тиркизот, за Македонија е рубинот. Го има на Алпите, во Шкотска, во Норвешка, ама мало камче за да стои во музеј. Само ние во Македонија, веќе 15-16 години имаме секојдневна занаетчиска продукција со македонски рубини, вели сопственикот на дуќанот кој единствен во земјата работи македонски рубин, прилепчанецот Деан Шкартов – Деко.

Останати вести