Африм Гаши е избран за претседател на Собранието – „за“ гласаа 76 пратеници, „против“ беа шестмина (од Левица), а воздржани немаше (од СДСМ не притиснаа никакво копче за гласање). Пратениците на ДУИ со коалицијата пред гласањето си излегоа од пленарната сала.
По изборот, Гаши прво на албански па на македонски јазик ја даде и ја потпиша свечената изјава. Потоа на албански се обрати пред присутните пратеници:
– Бидејќи ова ми е трет пратенички мандат може да кажам дека сум имал можност да бидам и пратеник на власта и на опозицијата. Ќе се погрижам да овозможам на секој пратеник да му се гарантира право на изразување. Мојата единствена припадност ќе биде ниту еден пратеник да не биде дискриминиран, рече Гаши.
Тој првиот мандат го доби како потпретседател на БЕСА, вториот и третиот како лидер на Алтернатива (последниов пат во рамки коалицијата „Вреди“). За да стане претседател на Собранието тој ден претходно поднесе оставка од лидерското место на Алтернатива.
Гаши седниците ќе ги води на албански јазик. За функцијата спикер на законодавниот дом беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Собранието почна со 117 пратеници, останатите тројца се очекуваат на наредната седница
Конститутивната седница на 28 мај ја отвори највозрасниот пратеник, Мерита Колчи Коџаџику. Таа говореше на албански и го предложи дневниот ред: избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за именувања и избор на претседател на Собранието.
Верификационата комисија во паузата подготви писмен извештај со потврда на мандатите на 118 пратеници. Но воедно ја усвои оставката на Биљал Касами кој реши да се откаже од пратеничкото место и да остане градоначалник на Тетово. На негово место ќе дојде следниот од листата на коалицијата „Вреди“ за 6ИЕ.
Исто така останува да бидат верификувани и мандатите на двајцата пратеници по прегласувањето во Шетстата и Петтата изборна единица – едниот од „Вреди“ а вториот од ДУИ. За нив се чека да помине жалбената постапка.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди 14“, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Коалицијата за состав на Влада ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. Се најавува дека ќе им се приклучат и поедини пратеници од другите коалиции кои остануваат во опозиција.
Сега почнуваат да течат роковите за состав на влада. Откако собранискиот спикер Гаши ќе ја извести претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека Собранието е во функција таа има 10 дена да го додели мандатот на најголемата партија која има обезбедено најмалку 61 пратеник. Јасно е дека мандатар и иден премиер ќе биде Христијан Мицкоски. Се очекува неговата Влада да биде изгласана најдоцна до 20 јуни.
Џафери останува премиер, немало да крева рака во Собранието
Техничкиот премиер Таљат Џафери на собраниската говорница кажа дека претходниот парламентарен состав не ја разрешил владата и поради тоа нема акт со кој би дошло до престанок на неговата функција, но поради Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси тој немало да земе учество во парламентот како пратеник се додека не се формира новата влада.
Според Уставот и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министрите Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска и Бисера Стојчевска Костадиновска (како веќе верификувани пратеници) исто така не би смееле да ја вршат и улогата членови на Владата. Нивните функции би требало да продолжат да ги извршуваат замениците-министри во ресорите.