Извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, во своето експозе на Годишното собрание на МАНУ.
Тој наведе три предизвици за земјата: македонскиот опстој, ЕУ-интеграцијата и иднината на државата.
Според првиот човек на МАНУ, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот, затоа што, рече тој, „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“.
– Република Македонија во 2018 година под тоа име била призната од над 130 земји од 193 членки на Обединетите нации или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги трите суперсили: Кина, Русија и САД. Преспанската спогодба не само што ги избриша тие факти, рече претседателот на Академијата, туку покажа дека „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“.
– Според мое мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили, рече Коцарев.
Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи, како што рече, јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неостварен сон.
– Веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување. Постојат примери што покажуваат дека сериозни нерешени проблеми од типот на замрзнати воени конфликти, официјални територијални претензии и негирања на националниот суверенитет постоеле и постојат, а ЕУ не им поставувала никаков услов за нивно претходно решавање на државите што ги внеле овие проблеми во ЕУ. Притоа, тука, би сакал посебно да го истакнам бавното темпо на ЕУ-интегративните процеси во однос на шесте земји од Балканот што сè уште не се дел од ЕУ. Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша на 25 април 2005 година. Така, временскиот период за влез на балканските држави во ЕУ e растеглива категорија: пет години од почеток на преговори до потпишување на пристапниот договор и 10 години за привремено затворање на три од 35 поглавја. Меѓутоа, има уште една причина, поврзана со маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ. Ако ЕУ, преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“, што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зарем тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава? Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ ѝ ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш?, прашува Коцарев.
клучното прашање е: каква иднина треба да градиме? Иако и за ова сум говорел и сум пишувал многупати минатата година, би сакал, денес, повторно накусо да ги набележам основните реформски чекори.
Во врска со клучното прашање: “Каква иднина треба да градиме?“ сум говорел и сум пишувал многупати минатата година.
Основните реформски чекори за градење просперитетна Македонија е промена на изборниот модел, што подразбира една изборна единица и промена на моделот на формирање на извршната власт. Ако Македонија е граѓанска држава, треба засекогаш да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со граѓанска консензуална демократија. Македонските влади, главно, но посебно во изминатата деценија, се резултат од пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, корумпирани и нефункционални, што резултира со подредена улогата на парламентот, институциите и правосудниот систем. Во изминатите три децении бевме сведоци на сè поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и за неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономните сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт, и на централно и на локално ниво, е неопходно, па затоа е потребно, според моето мислење, да се намали бројот на ешалоните на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе, извршната власт, и на централно и на локално ниво, од раководењето на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата.
Осврнувајќи се на работата на МАНУ, Коцарев рече дека Академијата во 2021 година успешно ја спровела својата обемна и богата научна и уметничка програма, при што биле заокружени 68 национални и меѓународни научноистражувачки и уметнички проекти од разни области.
Од многубројните настани што ги организирала МАНУ тој издвои два поради особеното значење за државата – одбележувањето 30 години независност со конференцијата „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021“ и собирот за сто години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ.
– Во изминатата година и издавачката дејност на МАНУ беше импресивна: 41 издание – 11 периодични и 30 посебни изданија, што содржат вкупно над 13 илјади страници, рече Коцарев.
Минатата година МАНУ имала вкупни приходи од А$5.6 милиона, од кои 45 отсто се реализирани од основниот буџет, а 55 отсто од другите два буџета – буџетот од самофинансирачки активности и буџетот од донации.
– Притоа, би сакал да подвлечам дека повеќе од половината (55 проценти) од институционалното финансирање, МАНУ го покрива самостојно, со извршување фундаментални и применти истражувања. Ова, во споредба со други научни и/или уметнички субјекти, чие самостојно функционирање се остварува најчесто со многу помал процент, укажува на големиот углед на МАНУ во светот на науката и уметноста на глобално ниво, истакна претседателот на Академијата.
Во работниот состав МАНУ има 33 члена, посочи Коцарев, соопштувајќи дека меѓу две годишни собранија починаа академиците Георги Старделов, Момир Поленаковиќ, Богомил Ѓузел, Луан Старова и Радован Павловски.
Потсети дека наредниот месец ќе се избираат нови членови на МАНУ, подвлекувајќи дека Академијата „има насушна потреба во своите редовни да прими повеќе врвни и со светско реноме научници и уметници“.
Тој нагласи дека е важно да не се наруши угледот и интегритетот на МАНУ и оттука, рече претседателот на Академијата, „нам не ни се потребни, од повеќе причини, членови кои прво биле дел од извршната власт, а едновремено или подоцна се стекнале со магистерски и/или докторски титули, создавајќи на тој начин сомнеж за вредноста на така стекнатите напредувања во научната сфера“.
(“Нова Македонија“)