Од 2 до 5 јуни ќе течат прославите за платинестиот јубилеј – 70 години на британскиот трон на Кралицата Елизабета Втора. Досега во историјата немало ниту еден друг британски монарх кој толку долго бил на служба.

Кралицата е родена на 21 април 1926 (има 96 години) со име Елизабет Александра Мери Виндзор. Тронот го презема на 2 јуни 1953 година, на нејзини 27 години. Има четири деца, осум внуци и 12 правнуци. Таа е воедно и Кралица на Австралија. Исто така е патрон на повеќе од 600 разни организации и добротворни здруженија.
Јубилејот ќе биде проследен со 16.000 улични забави низ Обединетото Кралство, а Кралските совети во Англија објавија дека добиле „голем број апликации“ од граѓани кои сакаат да учествуваат на одбележувањето на 70-годишнината, пишува лондонскиот дневен весник “Гардијан“.
На 2 јуни ќе се одржи традиционалната воена парада Trooping the Colour со учество на 1.400 војници, 200 коњи и 400 музичари за да го одбележат официјалниот роденден на кралицата, кој инаку обично се одржува во втората сабота во јуни. Почнувајќи од Бакингемската палата парадата ќе тече долж улицата “The Mall” се до плацдармот кај Вајтхол, a ќе и се придружат и членовите на кралското семејство на коњи и во кочии. Парадата ќе се затвори со традиционалното прелетување на воздухопловите на РАФ, што го гледаат кралицата и членовите на кралското семејство од балконот на Бакингемската палата.

Во текот на викендот неколку Кралски совети низ Англија се откажаа од административните такси за затворање на патиштата, а на 4 јуни во Мерсисајд ќе се одржи улична парада на која ќе настапат играчи, тапанари и акробати, како и ученици од локалните училишта.
– По две тешки пандемиски години, се надеваме дека луѓето конечно ќе можат да наздрават и да слават со своите најблиски и пријатели, пишува “Гардијан“.