Крај на една ера и многу емоции: Федерер и Надал заеднички плачеа во Лондон, Ѓоковиќ ги охрабруваше

Роџер Федерер и Рафаел Надал не успеаја да победат во последниот меч во кариерата на славниот Швајцарец (6:4, 6:7 и 9:11), но драматичниот пораз од Џек Сок и Френсис Тиафо остана во сенка на она што се случуваше по крајот на мечот.

Роџер Федерер официјално ја заврши професионалната тениска кариера. После 1.527 мечеви, 1.252 победи, 310 недели на врвот на АТП листата, 103 трофеи, 31 пат во грен слем финалните мечеви, 28 мастерс титули, 20 гран слем титули, пет години кои ги завршуваше како број еден, легендарниот Швајцарец се збогуваше со професионалното играње тенис.

Свечената церемонија во спектакуларната “О2 арена“ донесе многу емоции и солзи од многу актери на теренот, бидејќи покрај Федерер и неговите најблиски, плачеа и Рафаел Надал, Диего Шварцман, Стефанос Циципас, па дури и Новак Ѓоковиќ кој пушти некоја солза на затворањето на првата вечер на Лејвер Купот.

Федерер едвај го одржа говорот пред своите колеги, своето семејство и присутните навивачи, но иако имаше проблеми и не можеше да се воздржи, не заборави никого и им се заблагодари на сите кои беа дел од неговата величествена тениска кариера на теренот, но и надвор од него.

Мирка можеше одамна да ме запре

Во изјавата на теренот Федерер зборуваше на повеќе теми поврзани со кариерата и неговиот „последен танц“.

Посебно ја истакна поддршката на неговиот тим, но и семејството, истакнувајќи дека неговата мајка била најупорна на почетоците на кариерата, а сопругата Мирка му била неверојатна поддршка изминатите десетина години.

– Сите се овде, вклучувајќи ги моите деца. Мојата сопруга ми беше голема поддршка, одамна можеше да ме сопре, но не го направи тоа. Продолжи да ме поддржува и ми дозволи да играм, беше неверојатна, ти благодарам – кажа Федерер.

Покрај сопругата Мирка, четирите деца и неговите родители, убедливо најемотивен беше Рафаел Надал кој плачеше заедно со Федерер, што доволно говори дека нивното ривалство прерасна во вистинско пријателство, кое сигурно ќе се одржува и по крајот на нивните кариери.

Новак Ѓоковиќ се обидуваше да биде најприбран и ги тешеше своите најголеми ривали, но и тој пушти некоја солза во самата завршница, кога Федерер порача дека на крајот му дошло „премногу“ од толку емоции и љубов од трибините.

Швајцарецот заминува во пензија и ќе остане запаметен како еден од најдобрите и најуспешните тенисери на сите времиња, но истовремено како играч кој имал најубав стил на игра во историјата.

Останати вести