Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров ја комплетираа солидната сезона 2021/22 со титула со обезбедување на излез на европска сцена следната сезона. Тие во неубедливиот меч на „Арената Тоше Проески“ во Скопјеизиграа против Силекс без голови во текот на сите 120 минути за гол, за на крајот да се покажат пенал-мајстори за 4:3 победа. Македонија ЃП до последните кола беше во игра за пласман во Европа преку рангирањето на табелата во Првата лига, но можеби е уште послатко со трофеј на витрините во Ѓорче Петров.
За Муарем Бајрами ова е прва титула за него како тренер. Тој има две титули со Слога Југомагнат и Ренова ама како играч, но како стратег ова му е првенец. По драматичната победа во пенал-серијата во која јунак беше голманот Стевковски, тренерот на ѓорчепетровци кажа дека успехот е на играчите.
– Заслужено се радувавме, иако самиот тек на натпреварот беше тежок, онака како што и очекував пред натпреварот. Силекс е добра екипа, имаше дефанзивна поставеност на ниво во текот на целите 90 минути и се обиде во текот на целиот меч да не загрози. За нас ова можеби не беше најдобар меч, но значајот на ваквите натпревари прави такви нешта. Најзаслужни за успехот се моите играчи, кои се херои, имавме фантастична сезона која ја заокружуваме со трофеј и излез во Европа. Го посакувавме тоа и го остваривме. Направивме една голема работа. Исто, благодарност и до навивачите, заедно со нив го вративме трофејот по 16 години во Ѓорче. Овој триумф е за моето семејство, која е моја најголема поддршка, како и на нашиот сопственик Љупчо Копчаровски, Благоја Коцевски и Нено Матевски, затоа што во ниту еден момент не изостана нивната поддршка од самиот почеток. Горд сум што сум тренер на Македонија ЃП, изјави Бајрами.

Клучен човек на натпреварот беше голманот Стевковски, кој фати два пенала.
– Искрено, Стевковски направи огромна работа, не само во финалето, туку и претходно. Со Академија Пандев фати пенал, па со Шкупи, исто така и во Струга… и вечерва беше клучен во тие моменти. Добро беше подготвен и од моја страна и од тренерот на голманите. Имавме информации каде играчите на Силекс шутираат од прилика, заврши тренерот на ѓорчепетровци.
За Македонија ЃП ова е втора титула во Купот на Македонија. Претходната ја освои во 2006 година, со победа против тетовска Шкендија (3:2). Победата во Купот за „лавовите“ носи и пласман во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.