Повеќе од еден месец во шпанските медиуми интензивно се пишува дека Роналд Куман ќе добие отказ во Барселона, но претседателот Жоан Лапорта порача дека Куман заслужува доверба бидејќи пред се е легенда на клубот. Но на сите им е јасно дека овие збориви на утеха за Куман се просто – зборови. Два месеца претходно Лапорта исто тврдеше дека Меси останува во клубот, иако знаеше дека тоа е малку веројатно.
Како и да е, оваа изјава ги разочара навивачите кои интензивно бараат смена на Куман, но раководството на Каталонците сигурно добро ја проценило целата ситуација. На крајот на краиштата, Барса е во тешка финансиска состојба, а предвремен раскин на соработката би можела да ги чини и до 20 милиони евра.
Барса по седум меча во Примера има три победи, три ремија и пораз, а во ЛШ е без бодови по две кола со два убедливи порази против Баерн и Бенфика.
Сепак, по поразот од Атлетико Мадрид, Роналд Куман се отвори и призна што точно му рекол Жоан Лапорта, што мора да направи за да ја зачува својата позиција во клубот.
– Зборував со претседателот на клубот за повеќе работи: за клубот, за персоналот, за играчите. Сега пораката е појасна. Лапорта ми рече дека треба да ги добијам следните три натпревари по репрезентативната пауза. Неговата поддршка ми е важна, затоа што минуваме низ тежок период и смирен ум знае да помогне, потенцира Куман.
Доколку го гледаме календарот на Барселона во сите конкуренции, работите се јасни: на 17 октомври мора да ја победат Валенсија во Примера, потоа Динамо Киев во Лигата на шампионите и третиот натпревар е Ел Класико против Реал Мадрид на 24 октомври.