Лепчето со паричка – на Бадник или на Василица: Што вели традицијата а што Црквата?

Лепчето или питата со паричка (паре) е еден од најпрепознатливите обичаи во македонската народна и православна традиција, но со текот на времето и натаму се поставува прашањето дали таа се крши на Бадник или на Василица. Етнолошките и црковните толкувања укажуваат на јасна разлика меѓу овие два празника и нивното значење.

Во еден дел од Македонија лепчето со паричка се крши на Василица, на 14 јануари, односно на денот посветен на свети Василиј Велики, кога воедно започнува и новата година според јулијанскиот календар. Токму затоа, паричката е симбол на среќа, бериќет и благослов за годината што следи, а оној што ќе ја пронајде во лепчето се смета дека ќе биде најсреќен и најуспешен во домот.

Бадник, од другата страна, кој се одбележува на 6 јануари, има поинаков карактер. Тоа е последниот ден од божикниот пост и ден на тивка духовна подготовка, смирение и скромност пред Христовото раѓање. Во традиционалната практика, на Бадник се подготвува посно лепче, кое најчесто се дели без паричка. Во поново време, особено во урбаните средини, дел од семејствата ја вовеле паричката и на Бадник, но етнолозите посочуваат дека тоа е отстапување од изворниот народен обичај.

Василица, меѓу народот позната и како Стара Нова година, е празник со исклучително богат обреден и симболичен слој. Таа се смета за граница меѓу старото и новото, момент кога се испраќа изминатата година и се повикуваат среќата и благосостојбата за идната. Голем број македонски семејства ја празнуваат Василица како домашна слава, а оние што го носат името на свети Василиј Велики го одбележуваат и својот именден.

На овој ден, покрај кршењето на лепчето со паричка, се практикуваат и други обичаи, како палење василичарски огнови, кои според народните верувања ја симболизираат божествената светлина што ги прогонува злите сили. Во многу градови низ Македонија се организираат и василичарски карневали и маскенбали (џомалари, бабари…), како дел од испраќањето на старата и дочекот на новата година, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна.

Паричката е поврзана со свети Василиј, па оттаму теолошки јасно е со кој ден е поврзан овој обичај

Според теолозите, токму во житието на свети Василиј лежи причината поради која на овој ден се дели лепче со паричка.

– Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил да земе што било, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секое лепче ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле в црква, тој на секој му дал по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го дал – пишува во житието за свети Василиј.

За спомен на овој настан и денес се практикува на денот на свети Василиј Велики (односно на Нова година по стариот календар) да се меси лепче или пита со паричка во него, наречено и василопита. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму, лепчето се разделува на присутните. Оној што ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.

За Бадник исто така се меси лепче – посна погача која е симбол на предбожикната трпеза. Ја нарекуваат уште и поскура, чесница и кравајче. Како започнал адетот да се става паричка и во ова лепче – не е познато, но многумина милуваат да го практикуваат тоа. Некои, пак, дури и ги прават двата адета – паричка и за Бадник и за Василица.

Иако денес постојат различни практики околу тоа кога се крши лепчето со паричка, суштината на обичајот останува иста – преку него се повикуваат среќата, здравјето и благословот во домот. Василица, како почеток на православната година по јулијанскиот календар, покрај верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја празнуваат и Српската и Руската православна црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора, што дополнително ја потврдува длабоката вкоренетост на овој обичај во православниот свет.

Останати вести