Фудбалската репрезентација на Македонија на првиот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ во новото издание на Лигата на нации го доживеа и првиот пораз, Грузија славеше со 0:3 и се зацврсти на првото место на табелата.
Нашите одиграа две тотално спротивни полувремиња, во првото ја контролираа играта и создаваа шанси, додека во второто по примениот прв гол целосно застанаа и му дозволија на противникот да дојде до убедлив триумф.
По победата над Гибралтар (2:0) и ремито со Бугарија (1:1) во првите две кола од групата 4 во дивизијата Ц, избраниците на селекторот Благоја Милевски на првиот натпревар пред македонските фанови беа “потопени“ од Грузија која успеа да се одмазди за поразот од пред две години, кога Македонија благодарение на голот на Горан Пандев за прв пат обезбеди пласман на Европско првенство.
Триумфот на Грузијците го обезбедија Зивзиадзе, Квича Кваратскелија и Китаишвли со головите на стартот од второто полувреме, во 52, 62 и 84 минута. Селекторот Вили Сањол „ја прочита“ тактиката на Милевски и со дефанзивен пристап во првиот дел ја зачува мрежата, за во вторите 45 минути неговите фудбалери да заиграат офанзивно, притоа постигнувајќи три гола.
Првото полувреме помина во подобра игра на Македонија, избраниците на селекторот Благоја Милевски има поголем посед, повеќе шутеви кон голот на Мамардашвили, додека Грузијците се одлучија позатворено да го одиграат првиот дел и својата шанса да ја бараат преку контранападите.
На стартот од вториот дел Македонија прва се закани по шутот на Енис Барди од 30-тина метри од слободен удар, но само четири минути подоцна, во 52 минута дојде студен туш за „црвено-жолтите“ и навивачите на трибините, Зивзиадзе по одличната акција во три потези успеа да го совлада Столе Димитриевски.
Примениот гол како да им ги врза нозете на македонските фудбалери, додека Грузијците добија ветер во грбот и продолжија да се закануваат кон голот на нашите. Десет минути подоцна Квича Кваратскелија со одличен шут од 18-тина метри го совлада Димитриевски за водство од 0:2 и ги реши дилемите околу победникот.

Избраниците на Милевски не успеаја да се соземат од новиот шок и во финишот доживеаја уште еден кога Китаишвили го постави конечниот резултат.
Јунскиот циклус во Лигата на нации Македонија го заврши во неделата во Скопје, со реванш-мечот против селекцијата на Гибралтар. Извештајот од овој меч можете да го прочитате во “Тoday-Денес“.
Лига Ц, Група 4
1. Грузија 9
2. Македонија 4
3. Бугарија 2
4. Гибралтар 1
Во третото коло Македонија загуби од Грузија со 0:3 додека Бугарија и Гибралтар играа 1:1.