Најмалку 35 независни кандидати за градоначалници и исто толку листи веќе ги исполнија потребните законски предуслови за официјална кандидатура на овие локални избори.
За одбележување е тоа што коалициските партнери на СДСМ, како Либералната партија или ДОМ и ДП во некои општини поддржаа независни кандидати (на пример екс-пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ѓулистана Марковска за градоначалник на скопска Кисела Вода).
Исто така за град Скопје се појавија сериозни противкандидати на Петре Шилегов кои не се членови на ниедна партија, како Даниела Арсовска и Петар Георгиевски.
Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на Куманово, откако виде дека неговата СДСМ нема да го поддржи, објави дека ќе биде независен и за експресно време ги сообра потребните потписи. Од седиштето на СДСМ реагираа дека демек “им го свртел грбот“, но тоа не го мислат големиот број кукановци кои стрпливо чекаа ред за да го дадат својот потпис во подрачното одделение на Правда. Така што, доколку владејачката партија не го поддржи својот “одметнат“ член, тогаш дефинитивно губи во Куманово.
Слични “одметнувања“ има и во Охрид но и во Битола.
Владејачките партии СДСМ и ДУИ веќе најавија дека во многу општини ќе се поддржуваат меѓусебно во првиот круг на изборите, а во Скопје ќе имаат заеднички кандидат. Но интересно е тоа што СДСМ објави свој кандидат за општина Тетово, а тоа е доктор Хенди Алезовиќ.
Алијансата за Албанците, пак, ги објави имињата на кандидатите за Желино и Боговиње. Арбен Таравари повторно ќе се трка за прв човек на Гостивар.
Веќе е официјализирано дека партиите на Албанците од опозицијата се договорија со ВМРО-ДПМНЕ да не си конкурираат односно да не кандидираат градонаалници онаму каде пто другиот има поголеми шпанси. А потоа да гласаат за заедничкиот предлог. Ова не важи за изборот на советници.
ДУИ објави дека Теута Арифи најверојатно повторно ќе биде кандидат за градоначалник на Тетово, а неофицијално Невзат Бејта ќе се кандидира за Гостивар. “Вечниот“ Рамиз Мерко е во Струга.
Од Движењето Беса објавија само четири кандидатури и тоа за Тетово (претседателот на партијата Билал Касами), за Гостивар (пратеникот Фадил Зендели), за Теарце (потпретседателот Абдуш Демири) и за Желино (актуелниот градоначалник Блерим Сејдиу).
Од ВМРО-ДПМНЕ ги објавија речиси сите свои кандидати а велат дека ги прават последните процедури за да го изберат вистинскиот кандидат за прв човек на град Скопје.