По завршувањето на рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори 2025 година, до општинските изборни комисии се доставени вкупно 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи за советници во 80 општини и во Градот Скопје. Во бројката се вклучени и кандидатурите поднесени од политички партии и оние од групи избирачи.
Најголем интерес е забележан во Град Скопје, каде се поднесени 18 кандидатури за градоначалник и 20 листи за членови на Советот на Градот. Во Охрид има 11 кандидати, Прилеп – 10, Струга – 9, Битола 8 кандидати… Најмногу советнички листи освен во Скопје се поднесени и во Битола – 16, Охрид и Штип- 11, Струга, Прилеп, Лозово…- 10…
– По завршувањето на проверките и евентуалното отстранување на неправилности, потврдените листи треба да се достават до ДИК најдоцна до 20 септември, кога ќе биде утврден и редоследот во единствената листа на кандидати. По завршување на целата процедура, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини што ќе учествуваат на претстојните избори, информира ДИК.
За споредба, на локалните избори во 2021 година вкупно запишаните 1.824.864 граѓани својот глас можеа да го дадат за 10.831 кандидати. Од нив 299 кандидати беа за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи, односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.
Редоследот на листите ќе биде утврден со ждрепка што ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември.
Листа на кандидат за градоначалник, односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје. Редоследот на кандидати на гласачкото ливче ДИК го утврдува со ждрепка.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ кандидира околу 70 кандидати за градоначалници (некаде нема а некаде ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и “Вреди“), СДСМ има 64 кандидати за градоначалник додека Левица околу 30.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе имаат советнички листи во речиси сите општини.