Македонија прима 650 Авганистанци (можеби и повеќе)

Пристигнувањето на првата група авганистански државјани за кои Македонија доброволно понуди засолниште беше најавено за изминатиот викенд. Како што уверува Владата, се работи за образовани лица кои во Авганистан работеле за меѓународните организации и сега мора заедно со нивните потесни семејства да бидат тргнати од можните одмазди на талибанците. Ним им треба привремено сместување додека завршат сите процедури за да добијат визи за некоја западноевропска дестинација. Ниеден од нив не би сакал да остане во Македонија. За нивниот транспорт и сместување по мотели и хотели во Македонија ќе платат САД и меѓународните организации.

Првично се зборуваше дека ќе дојдат 186 Авганистанци, за многу брзо таа бројка да скокне за уште 200 (побарал Националниот демократски инситут од САД), па по барање на Меѓународната новинарска асоцијација дадено е одобрување за уште 80… а во мигов се зборува за цифра од 650 лица.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека авганистанските граѓани привремено ќе останат во Македонија, но никој не знае колку време.

– Одлуката главно е да бидат локален персонал на меѓународни организации лоцирани во Кабул. Тоа се активисти за човекови права, новинари, студенти, деца и семејства на вработени во американската војска или други меѓународни организации. Tука ќе останат привремено додека не ја договорат документацијата за нивната крајна дестинација, главно Соединетите Американски Држави. Тоа е прашање на недели бидејќи апликацијата за виза е до 60 дена, но како ќе се процесира документацијата за нивната конечна дестинација, тоа не можам да кажам, рече Османи.

– Веќе има 6-7 хотели кои се ангажирани за нивно сместување. Договорот го постигнаа меѓународните организации каде што беа ангажирани, што значи дека трошоците за нив ќе бидат покриени од овие меѓународни организации, но доколку е потребно, тука ќе помогне и државата, бидејќи ние доброволно одлучивме да им помогнеме на овие цивили, заклучи министерот за надворешни.

Останати вести