Македонија протера уште шест руски дипломати, уште колку останаа?

За еден месец протерани се 11 од вкупно 19 дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје

Македонија минатата седмица протера уште шест дипломати од Руската амбасада. Министерството за надворешни работи (МНР) објави дека бил повикан рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кому му е врачена нота со која дипломатите се посочени како непожелни во државата.

„Посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и треба да ја напуштат територијата на РС Македонија во наредните пет дена“, стои во веќе вообичаеното образложение од македонското МНР.

Ова е второ протерување руски дипломати за помалку од еден месец. Кон крајот на март беа протерани петмина  поради водењето евиденција за антируски активности во Македонија и закани. И лани беа протерувани руски дипломати но поради разузнавачки дејности.

Според листата достапна на веб-страницата на Руската амбасада, во март имала пријавени вкупно 19 руски дипломати, вклучувајќи го и амбасадорот Сергеј Баздникин и двајца воени претставници. Ако се одземат последните 11 протерани, веројатно се останати уште 8.

Останати вести