Прва од авионот излезе жена во поодмината бременост која со брза помош беше однесена на Клиниката за гинекологија во Скопје. Следниот ден таа роди здраво машко бебе тешко 3.200 гр
На 30 август нешто пред полноќ на скопскиот аеродром слета авион на авганистанската компанија “Кам ер“ со 149 патници. Ова беа првите Авганистанци од вкупно 750 за колку што македонската Влада официјално очекува дека може да пристигнат, а со оглед на тоа што заврши сојузничката операција за евакуација од Кабул веројатно тука завршува лицитацијата. Авионот стигна преку Тбилиси (Грузија) носејќи лица вработени (и членови на нивни семејства) во Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP), „Транспаренси интернешнл“, Светски економски форум и други меѓународни организации.

Прва од авионот излезе жена во 39-та недела од бременост која во секој момент можела да се породи. За неа беше обезбедена брза помош која ја пренесе на Клиниката за гинекологија во Скопје. Во истиот авион имаше уште четири бремени жени.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој беше на аеродромот, објави дека пристигнале претежно жени и деца кои ќе добијат привремен престој во земјата.
– Целиот фокус ни е да ја покажеме солидарноста на дело. Ова се нашите сојузници, луѓето со кои работевме (во изминатите 20 години), луѓето што ги делат нашите вредности и луѓето кои не се тука по нивна вина. Денес, нивните животи се загрозени, тие и нивните деца, и затоа решивме да ги сретнеме во моментот кога им е најпотребно да им го обезбедат ова привремено прибежиште, да преземат ризици од нивниот живот. Наредните денови ќе се процесуираат нивните апликации за нивните конечни дестинации. Важно е сите ние – Владата, но и граѓаните – да ја покажеме солидарноста за овие граѓани кои денес со насолзени очи се симнаа на овој аеродром од солзи од среќа затоа што најдоа место каде што ќе бидат безбедни најмалку во наредните 90 дена за кога имаат престојувалиште овде. Ние досега дадовме согласност за 750 граѓани. Оваа прва група пристигна од Тбилиси, Грузија до Скопје. И за следната група, како што ќе се појават услови на аеродромот во Кабул, за групата која што е најавена, ќе бидеме подготвени да ја пречекаме на ваков достоинствен начин, рече Османи.
Тој рече дека трошоците за логистика за транспортот на овие лица се покриени од меѓународните организации за кои тие работеле.
Сите ќе бидат тестирани со ПЦР-тест на ковид-19 и доколку има позитивни случаи ќе се одреди 14 дневен карантин. Доколку некој што не е вакциниран изрази желба за вакцина против ковид, ќе му биде овозможено тоа да го стори.
Авганистанците од скопскиот аеродром ги пречекаа припадници на Црвениот крст на Македонија кои им поделија пакети за лична хигиена.
На граѓаните од Авганистан им се издава виза за привремен престој од 90 дена, а потоа треба да заминат на друга безбедна дестинација или во САД. Тие ќе бидат сместени во мотели и хотели во околината на Скопје.