Македонија ќе треба „да го стегне ременот“: Ќе биде тешко – најголемиот трговски партнер Германија падна во рецесија

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека според новите проекции на ММФ, Германија како најголем трговски партнер на Македонија ќе оствари негативен рест на економијата, а сето тоа ќе влијае и на македонската економија.

– Проекциите за нашиот најголем извозен пазар Германија се дека економијата во 2023 ќе оствари реален пад од -0,5%, додека останатите земји со кои остваруваме најголема надворешно трговска размена проекциите се следни: Обединетото Кралство 0,5%, Грција 2,5%, Србија 2,0%, Кина 5,0%. Негативниот раст, односно падот на економијата на моторот на ЕУ, Германија, е еден од клучните фактори кои влијаат врз случувањата во нашата економија, и објективно силно влијае врз економската активност во нашата земја – најави Битиќи на социјалните мрежи.

Сепак, вицепремиерот уверува дека Владата ќе работи на остварување на позитивен економски раст од 2,5 проценти до крајот на годинава.

46% од македонскиот извоз го купува Германија

Македонија има суфицит во трговската размена со само три земји: Германија, Косово и Унгарија!

Германија повеќе од 20 години е најголемиот трговски партнер и апсорбира дури 46 отсто од вредноста на целиот македонски извоз на стоки. Годинава купила од Македонија за 2,5 милијарди евра а продала за 800 милиони евра – суфицитот е 1,7 милијарди евра.

Во случајот со Косово годинава за осум месеци се извезени стоки за 256,1 милиони евра, а од таму се внеле стоки вредни 67 милиони евра (суфицит 189 милиони).

А во размената со Унгарија македонскиот извоз заклучно со август бил 204 милиони евра а увозот околу 140 милиони (суфицит 60 милиони евра).

Сосема спротивни се примерите со трговската размена кон Обединетото Кралство и кон Кина. Дефицитот во трговијата со ОК изнесува 858 милиони евра и во значајна мерка тоа е заради увозот на репроматеријали за потребите на „Џонсон Мети“, најголемата компанија во Македонија, британска инвестиција.

Со Кина, пак, трговската размена годинава изгледа вака: увезени стоки за 637 милиони евра, а извоз под 70 милиони евра.

Инаку, во најголемите десет земји-трговски партнери на Македонија, дури четири се соседни земји. На прво место традиционално е Грција – главна причина за овој примат на листата е пред се увозот на моторни горива (дизел, керозин, бензини и ТНГ). Бројките покажуваат дека Македонија од Грција купила стоки во вкупна вредност од 712 милиони евра за првите осум месеци а продала за 213,4 милиони евра (раст од 14 отсто во споредба со лани) и тоа тутун, пијалоци, храна и стоки за широка потрошувачка. Кусокот во трговската размена со Грција е бемалку половина милијарда евра.

Следен трговски партнер е Србија. Годинава извозот таму на македонската економија и донел 254,6 милиони евра и пораснал за 13 отсто во однос на лани. Од таму, пак, се увезле стоки во вредност од 444 милиони евра и тоа е за 13 отсто помалку од истиот период лани.

Трет соседен трговски партнер останува Бугарија и покрај драстично влошените политички односи. Тие влијаеле негативно и на извозот и на увозот. Извоз годинава таму паднал за 14,5 отсто и изнесувал 247 милиони евра. Тоа во голема мера е оловно–цинков концентрат од рудниците „Саса“, „Тораница“ и „Злетово“. Нивниот увоз во Македонија вреди 311 милиони евра и во однос на лани е понизок за 26,4 отсто (резултат на пониските цени на струја и фосилни горива што се увезуваат од таму).

Останати вести