Во светот денес постојат околу 7.000 признаени јазици, но, според една неодамнешна студија, половина од нив се во опасност, а 1.500 би можеле целосно да исчезнат до крајот на векот. Според експертите голем број од јазиците за кои се претпоставува дека ќе исчезнат до крајот на векот сè уште се во употреба.
“Нова Македонија“ го отвори прашањето со македонисти и познавачи за тоа какви се прогнозите за употребата на македонскиот јазик и каква иднина му претстои.
Според Александра Ѓуркова, редовна професорка/научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во глобални рамки, македонскиот јазик не е загрозен.
– Со својата стабилна стандардна норма, со вклученоста во меѓународни и славистички истражувања и со македонското литературно, фолклорно и научно творештво коешто се создава во текот на 19 век, 20 век и актуелниов 21 век покажува виталност и не се наоѓа, барем, сè уште, меѓу загрозените јазици. Секако, голем акцент треба да се стави и на старословенската и црковнословенската ракописна традиција, почнувајќи од 9 век, која претставува духовен стожер на македонската јазична и книжевна традиција до денес. Во тој контекст, потребна е стратегија за сеприсутно промовирање на делото на св-те Кирил и Методиј, потоа на кирилицата и во тој контекст, и на македонската кирилица – истакнува Ѓуркова.
За образованието, демографските податоци и миграциските процеси и нивното влијание на виталноста на македонскиот јазик, таа посочува дека македонската држава не спроведува системски истражувања.
– Повеќе од потребно е создавање национална стратегија за македонскиот јазик, што треба да опфати научни истражувања за ефектите на јазичните и образовните политики од 1991 до 2021 г., за влијанието на миграциските и демографските процеси, за македонскиот јазик како малцински јазик и јазик на мигрантските заедници во Австралија, Германија, Канада, САД и др. и, секако, треба да даде развојни насоки за македонскиот јазик. Преку таквите истражувања ќе може поконкретно да се осознае ситуацијата на македонскиот јазик од аспект на јазичната виталност и јазичната загрозеност и, евентуално, да се дадат процени за иднината – категорична е професорката Ѓуркова.
Во врска со македонскиот јазик треба да се има предвид Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 г., како и Законот за употреба на јазиците од 2019 г. и, секако, фактот дека, според Уставот, македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на македонската држава и во нејзините меѓународни односи. За Законот за употреба на македонскиот јазик треба да се напомене дека неговото практично спроведување отсекогаш било проблем, со образложение од Министерството за култура дека немаат доволно инспектори.
Инаку, за нов предлог-закон се одвиваше дебата во јануари 2020 г., меѓутоа по изнесените забелешки од лингвистите, преку Советот за македонски јазик и Министерството за култура досега не е поведена иницијатива за натамошна работа на овој закон. Кога станува збор за Законот за употреба на јазиците, треба да напоменеме дека со овој закон се промовира и се унапредува употребата единствено на албанскиот јазик (што е во спротивност и со насловот на законот), со што тој се става наспроти јазиците на другите заедници со кои треба да се гради заеднички живот – потенцира Ѓуркова.
Според неа, ваквите политички решенија „одозгора“, донесени без сериозни анализи, во врска со широка институционална употреба на јазик што не го познаваат и не го користат две третини од граѓаните, не се во функција на постигнување кохезија на македонското општество.
Таа укажува и на употреба на латиницата наспрема кирилицата во одредени случаи, како на пример во некои средини, туристички места, како и во продажната сфера, каде што сè повеќе се употребува само латиницата за пишување на македонски и, секако, при употребата на другите јазици (албански, англиски, турски и др.), а слична е ситуацијата и на социјалните мрежи.
Според професорката, кога го анализираме македонскиот јазик како малцински јазик, тогаш може да констатираме дека неговиот статус е загрозен.
– Во Грција повеќедецениската политика на репресија и асимилација на Македонците резултира со исклучително ограничување на познавањата на македонскиот јазик, кој во најголем дел е сведен на јазик за лична, домашна комуникација. Во истражувањата на Шмигер („За ситуацијата на македонскиот јазик во Грција“, 1996), кој спровел теренски истражувања во Костурско во 1980-тите години, може да се проследи процесот на постепено заменување на македонскиот јазик и негово истиснување од грчкиот јазик. Единствено кај повозрасните говорители, оние над 65 години, се бележи употреба на македонскиот јазик односно на локалниот говор – вели Ѓуркова.
Македонците не се признаени како малцинство во Грција. Слична е ситуацијата и во Бугарија, каде што Македонците не се признаени како малцинство ниту македонскиот јазик како малцински јазик. Во Албанија, Македонците се признаени како малцинство единствено во регионот Мала Преспа, додека другите што живеат во Голо Брдо, кои се главно муслимани, не се признаени како македонско малцинство. Македонскиот јазик како малцински е признаен во Босна и Херцеговина, во Србија и во Романија.
И Емил Ниами, македонист и славист, вели дека според она што досега можеме да го видиме, не можеме да предвидиме некакво апокалиптично сценарио за македонскиот јазик.
– Првото и основно нешто што нè штити се самите носители на македонскиот јазик, а нив, фала богу, засега ги има доволно. Изумирањето на јазикот им се заканува на сосема малите народи од кои се останати стотина, ако не и неколку десетина говорители. Секако дека во таков случај е потребна поддршка од државата во која тие се наоѓаат. Таков случај гледаме во Русија каде што постои државна програма за зачувување на малите јазици и на културното наследство на малите народи. Кога се вложуваат средства, секако дека и интересот за изучување и за истражување се зголемува – вели Ниами.
Во оваа смисла, според него, повеќе од пожелно е да се донесе државна програма за негување на македонскиот јазик, во чија изработка би учествувале специјалисти од областа, со цел да се направат краткорочни, среднорочни и долгорочни планови за сето она што е потребно за развивање на македонскиот јазик.
– Секако, тука е потребно да се вклучи и целокупното општество, почнувајќи од семејството. Негувањето на мајчиниот јазик започнува токму оттаму. Денес сме сведоци на ситуации во кои родителите настојуваат нивните деца да совладаат странски јазик, а притоа воопшто не обрнуваат внимание на мајчиниот. Токму ваквото однесување е погубно за македонскиот јазик – истакнува Ниами.
Од 2 до 3,5 милиони говорители
Според енциклопедијата на професорот и македонист Виктор Фридман, македонскиот јазик има од 2 до 3,5 милиони говорители. Според пописот од 2002 година, вкупното население на Македонија изнесувало 2.022.547, од кои 1.344.815 граѓани го декларирале македонскиот за свој мајчин јазик. Македонскиот јазик исто така се изучува и зборува како втор јазик од сите етнички малцинства во земјата. Надвор од Македонија има мали етнички македонски малцинства што зборуваат македонски јазик во соседните земји, вклучувајќи 4.697 во Албанија (попис 1989), 1.609 во Бугарија (попис 2011 година) и 12.706 во Србија (попис 2011 година). Точниот број на говорници на македонскиот јазик во Грција е тешко да се утврди поради политиката на земјата.
Во Австралија има 98.441 лице кое се декларирало (попис 2016) дека има македонско потекло. Од нив околу 37.000 се лица родени во Република Македонија и активно го говорат македонскиот јазик.