На социјалната мрежа Твитер се појави првата наводна потврда за почеток на борбена употреба на неодамна донираните македонски јуришни авиони “Сухој 25“ на Украина.
Еден профил на оваа социјална мрежа, без да наведе извор или други детали, објави дека „за прв пат е фотографиран поранешен македонски Су-25 во оперативна употреба како дел од 299-та ударна (тактичка) бригада на украинските воздухопловни сили“.
Како што пренесува угедниот српски портал кој се бави со авијатика „Танго шест“, авионот сега на боиштата ја носи ознаката „Сини 51“ (09015) и се вели дека е поранешниот „121“ на македонското воздухопловство.
Профилот кој е именуван како Ukraine Weapons Tracker пишува и дека авионот е надграден до верзијата “Су-25М1(К)“. Сепак засега никој од македонските власти не соопшти никакви детали дали македонското оружје донирано на Украина во изминатиот период е ставено во борбени дејствија на терен, со што се става на резерва автентичноста на ваквите објави на социјалните мрежи.
Македонија ги донираше на Украина сите авиони Су-25, борбени хеликоптери Ми-24 и тенкови Т-72 кои во 2001 ги купи токму од Украина (ниедна друга држава во тој период не сакаше да продаде оружје на АРМ).