Авганистан скоро две децении беше место каде бројни Македонци одеа на печалба во меѓународни компании поврзани со одржувањето на мисијата ИСАФ. Но, со одлуката за повлекување на НАТО и сојузниците оваа држава се најде пред целосен распад. Талибанците секој ден стануваат побројни и редат воени успеси против регуларните сили на земјата, освојувајќи се поголеми делови, а наскоро може да се очекува да биде нападнат и Кабул.
Сите странски држави ги повикаа своите граѓани што поскоро да заминат оттаму, но проблем е наоѓањето на место во авионите.
Според последните информации владините сили уште го контролираат аеродромот во Кандахар, кој беше главна американска база во Авганистан за време на дведецениската окупација, но остатокот од градот е во рацете на екстремистите.
Македонското МНР нема прецизни информации колку свои државјани има моментно заглавени во Авганистан. Но нивните семејства во Македонија се во период на тешко исчекување. Каква ќе биде нивната судбина тешко е да се претпостави. Од МНР убедуваат дека во моментов нема пречки за напуштање на земјата и досега не е пријавен ниту еден македонски државјанин кој е во загрозена состојба и/или кому му е потребна помош.
Министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Валас, оцени дека е загрижен оти „Авганистан се претвора во распадната држава која може да стане погодна почва за милитантите, како што е терористичката организација Ал Каеда, која најверојатно ќе се врати сега“.
Пентагон соопшти дека ќе испрати 3.000 дополнителни војници за да помогнат во евакуацијата на персоналот на американската амбасада. Се размислува и за преместување на службениците на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул. Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, изјави дека дел од дипломатскиот кор ќе биде евакуиран, а сите американски државјани итно биле повикани веднаш да го напуштат Авганистан.