Македонците во Мелбурн оддадоа почит на Гоце Делчев

Македонската заедница во Мелбурн и Викторија, на четврти мај со помен и полагање венци ја одбележа 123-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Комеморацијата се одржа пред споменикот на Делчев во дворот на Македонската православна црква „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ во Епинг, во присуство на верници и претставници на македонски организации.

Поменот го отслужија отец Климент Станковски и архимандритот Гаврил, по што се обратија претседателот на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Дејан Змејковски, и членот на Управата, Ицо Најдовски Перин.

Змејковски истакна дека македонската заедница во Австралија останува лојална на македонската кауза и посветена на зачувување на македонскиот јазик, култура, вера и идентитет.

„Ќе продолжиме да работиме и да се жртвуваме за доброто на македонската заедница и идните генерации“, рече тој, потсетувајќи на долгогодишната улога на Македонската православна општина во организирањето културни, образовни и духовни активности.

Во своето обраќање, Ицо Најдовски Перин говореше за историското значење на Делчев и неговото место во македонската национална меморија, нагласувајќи дека неговото дело останува симбол на борбата за слобода и национално достоинство.

Венци положија претставници на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Светскиот македонски конгрес за Австралија, ансамблот „Тоше Проески“, здруженијата „Македонски штит“ и „Македонски бунт“, како и австралискиот воен ветеран и новинар Саша Узунов.

Останати вести