Македонците од Германија со ултиматум: Ако итно не се најде решение за пасошите ќе поднесат групна тужба против Владата

Ако сега побарате термин за сликање за пасош во Генералниот конзулат во Бон ќе добиете термин во декември!?

Централниот совет на Македонците во Германија (ЦСМГ) на вонреден состанок едногласно одлучил да побара итно враќање на човековите права за македонските граѓани и да покрене правна постапка.

„Од 13 февруари 2024 година македонската влада не ги почитува основните права на Македонците ширум светот. Особено одлуката да се прогласат важечки пасоши за неважечки без доволен капацитет за издавање нови пасоши доведе до огромни проблеми. Над стотици илјади засегнати се погодени со оваа мерка, некои дури добија термини за обновување на пасошот дури за октомври 2024 година“, велат од ЦС.

Во писмото упатено до шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен, германскиот канцелар Шолц и премиерот на Македонија Џафери, ЦСМГ повикува на итни мерки за ставање крај на овие прекршувања на човековите права.

Во писмото исто така се поставува краен рок до 23 февруари 2024 година, во кој се повикува македонската влада да го повлече своето решение за поништување на важечките пасоши и да се погрижи за брзо и ефикасно издавање на важечки пасоши.

Доколку овој рок помине неискористен, ЦСМГ го задржува правото да преземе правни активности за спроведување на правата на засегнатите граѓани на суд, велат оттаму.

Претседателот на ЦСМГ, Роберт Кленкоски, ја истакна итноста на ситуацијата и апелираше до сите инволвирани влади веднаш да дејствуваат:

– Не смее да се толерира кршењето на правата на граѓаните, ниту во ЕУ, ниту во Македонија. Ако денес се јавите за термин во Конзулатот во Бон ќе ви дадат термин во декември. А потоа уште 2-3 месеца додека дојде пасошот… Од најголема важност е македонската влада сериозно да ја сфати оваа итна работа и веднаш да дејствува за да ги врати правата на граѓаните на нашите граѓани, порача тој.

Централниот совет на Македонците во Германија очекува Европската комисија, Федералната влада на Германија и македонската Влада брзо и конструктивно да одговорат на нивните барања со цел заштита и гарантирање на основните човекови права на македонските граѓани.

Останати вести