МАСО Куп Викторија 2026: Фудбалски празник на македонската заедница од 18 до 20 септември

Македонскиот фудбал во Викторија повторно ќе биде во центарот на вниманието со одржувањето на „МАСО Куп Викторија 2026“, чиј домаќин и организатор годинава е Сиднам Парк Македонија.

Турнирот ќе се игра од 18 до 20 септември на терените на „Keilor Lodge Reserve“, а љубителите на фудбалот ги очекуваат три дена исполнети со натпревари, дружење и спортски дух.

На овогодишното издание ќе настапат девет екипи: Престон Македонија, Алтона Маџик Вардар, Џилонг Македонија, Пленти Вали Лајонс, Килор Волци, Шепартон Македонија, Лалор Јунајтед Слога, Паско Вејл и домаќинот Сиднам Парк Македонија. Дебитант на турнирот е екипата на Паско Вејл, со што овој македонски фудбалски собир добива уште еден учесник. Единствен клуб кој нема да биде дел од овогодишното издание е Нобл Парк Македонија.

Главна новина оваа година е терминот на одржување. За разлика од минатото, кога купот се играше пред почетокот на сезоната во жешките летни месеци, турнирот во 2026 година ќе се одржи веднаш по завршувањето на првенството. Оваа промена е позитивно примена од клубовите и играчите, бидејќи го елиминира ризикот од повреди пред стартот на новата сезона и овозможува екипите да настапат без дополнителен притисок.

МАСО Купот повторно ќе биде одлична можност македонските клубови од Викторија да се соберат на едно место и да ја продолжат традицијата на заедништво. Минатата година турнирот за Викторија не се одржа бидејќи Престон Македонија беше домаќин на националниот Македонски Куп, кој ги собра екипите од цела Австралија.

Останати вести