Министерството за здравство (МЗ) откри злоупотреби со кардиохируршки операции во приватни болници. Се најавуваат дополнителни проверки и меѓународна помош за понатамошни анализи.
Од пристигнатите 25 случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции на МЗ анализирала 19.
– Кај 10 од нив утврди дека се извршени непотребни операции или пациентите биле непотребно упатени за хируршки зафати. Бидејќи извештајот не е финален имињата на клиниките и лекарите во оваа фаза не се објавуваат, соопшти на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
Тој информира дека уште шест случаи се проследени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи комисијата не е надлежна за нив.
Се работи за случаи кои самите пациенти ги пријавија откако Министерството и Фондот за здравство упатија јавен повик а по изјавата на академикот и кардиолог Сашко Кедев дека „во приватни болници во Македонија се вршат непотребни интервенции заради профит“.
– Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект, изјави во август Кедев, во интервју за „Канал 77“.
Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски, објасни дека во првата фаза анализирале само потребата од реваскуларизација (ставање стентови) кај пациенти со васкуларна болест, без разлика дали е кардијална или периферна. Другите случаи ќе се разгледуваат во следната фаза.
– Одлуките ги носевме врз основа на достапната медицинска документација и пријавите од пациенти или медицински установи доставени до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и МЗ, рече Христовски.
Она што следува сега е влегување во болниците по случаен избор и „чешлање“ на медицинските досиеја.
– Не само во одделите за кардиохирургија, туку во сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија. Тоа значи ширум Македонија, сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија – ќе нè интересира како се пристапува. Ќе нè интересира и непостапување – не само постапување, кажа претседателот на комисијата, д-р Жарко Христовски, кој самиот е вработен во една од приватните болници со кои Фондот има склучено договор за срцеви интервенции („Аџибадем Систина“). Во оваа комисија има и претставник на „Жан Митрев“.
Тој најави дека резултатите од првата анализа ќе бидат разгледани заедно со трочлена меѓународната комисија што ќе биде поканета од Министерството за здравство. Целта е да се утврдат проблематични индикации и да се предложат стратегии за подобрување на третманот на пациенти со кардиоваскуларни проблеми.
Ќе има и нова законска регулатива за јавно-приватното партнерство во здравството.
– Со интегрирање на приватното и јавното здравство и размена на информации, очекуваме да донесеме финални заклучоци и стратешки потези за подобрување на здравствената заштита, додаде Христовски.