Министерката Натали Сулејман и Урош Рашиќ од општина Бримбенк се сретнаа со македонската заедница во пресрет на изборите во Викторија
Минатата седмица Македонската православна црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиднам беше домаќин на значајна посета. Во црквата беше Натали Сулејман, министерка за мали и семејни бизниси и министерка за трговија, туризам и инвестиции, како и Урош Рашиќ од општина Brimbank.
Посетата претставуваше можност за средба со членовите на македонската заедница и разговор со министерката пред изборите во Викторија, закажани за 28 ноември 2026 година.
По 12 години во опозиција, Либералната и Националната партија се надеваат дека конечно ќе имаат можност да ја преземат власта од Лабуристичката партија.
За формирање самостојна влада во долниот дом потребни се најмалку 45 од вкупно 88 места. На последните избори Лабуристичката партија освои 56 места, додека Коалицијата има 29 — од кои Либералите 20, а Националната партија девет. Преостанатите три места ги држи партијата на Зелените.
По три мандати на власт, во Лабуристичката партија постојат стравувања дека на изборите би можела да загуби значителен број пратенички места. Од друга страна, Коалицијата има тешка задача: за самостојно да формира влада, покрај задржувањето на сите сегашни места, би морала да освои уште најмалку 16.
Дополнителен фактор во изборната трка е појавата на One Nation, која би можела да влијае врз распределбата на гласовите во повеќе изборни единици.
Поради тоа, не е исклучена ниту можноста за малцинска влада, доколку ниту една политичка сила не успее да го достигне потребното мнозинство од 45 места.
Во ваква политичка атмосфера, контактот со македонската заедница и со локалните заедници станува особено значаен, а посетите на политичките претставници се можност за директен разговор за потребите и приоритетите на граѓаните.