Мицкоски до ДУИ: Вашето владеење заврши,ВМРО-ДПМНЕ ќе бара партнери во опозициските партии

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повикува на масовно гласање на 8 мај и изјави дека неговата партија партнерот за формирање влада ќе го бара во албанската опозиција, во партиите со кои ќе споделуваат исти вредности и принципи. За ДУИ потенцира дека е време за опозиција и за одговорност. Упати порака да не му праќаат „емисари“ и „курири“ за да размислел за коалиција после изборите.

Мицкоски потенцира дека ДУИ секогаш кога краде највеќе се прикрива со национални и етнички теми, а денес тие се прикриваат зад завесата Европа.

– И додека устите им се полни со Европа, а Ковачевски понизно ги слуша и коленичи пред Ахмети, него го слушаме среде Скопје како скандира „УЧК, УЧК“. Тие зборови кажани од овој човек извалкан со тежок криминал и крвави раце облечен во одело кое не му ги пере гревовите, се навреда и за Албанците кои ги краде најмногу, и за нас Македонците. ДУИ како политичка партија дојде на власт со приказна за човекови права, а заврши како партија која профитира и се крие човекови права и ги краде своите и другите, заклучи Мицкоски.

За пораките од ДУИ дека тие се вистинските претставници на Албанците порача:

– Македонија е држава на сите граѓани, не е федерација, ниту бинационална држава. Според демократијата, оној што има 61 пратеник и парламентарно мнозинство ја формира идната Влада. Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население во Македонија. Сите ние сме граѓани на Македонија и ценам дека политиката не треба да се гледа како шведска маса па ДУИ сега ќе земе малку од СДСМ, па од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ очекувам да биде опозиција за неколку недели од денеска. Правилото „победник со победник“ или т.н. мајски договор самите го прекршија во 2017 година. ДУИ беше шест и пол години со СДСМ, очекувам да бидат поразени на парламентарните избори и очекувам да бидат опозиција во наредниот период. Немаме елементарна доверба во нив, категоричен е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Останати вести