Очекувам добри вести за македонските граѓани во текот на месеците април и мај годинава. Навистина очекувам многу добри вести. Со една многу моќна европска земја ќе потпишеме меѓувладин договор кој ќе се мери во милијарди. Значи, не во милиони, туку во милијарди.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање какви капитални проекти се планирани во иднина.
– Тоа ќе бидат проекти во инфраструктурата и во здравството. Очекувам ваков меѓувладин договор со многу моќна европска земја, којшто ќе значи повеќе од 10% од БДП. За многу скоро време ќе ви ги откријам деталите. Ајде да почекаме, да завршат преговорите. Тоа ќе биде исклучително добра вест и голем пресврт. Многу убава работа – изјави Мицкоски.
НЕ СМЕ ВЕЌЕ ХИБРИДЕН РЕЖИМ, СКОКНАВМЕ ЗА 10 МЕСТА
Премиерот Мицкоски се пофали и со податокот дека Македонија во 2024 напредуваше 10 места на скалата за демократија на „Економист“ и сега веќе не е „хибриден режим“.
– Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според „Економист“ туку дека сме ја унапредиле демократијата. Мислам дека тоа треба и самата Европска унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај – истакна премиерот.
Веста за напредокот ја објавивме во „Австралиско-македонскиоотг неделник“ на 4 март, дека Македонија забележа скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“. Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место а во 2024 се наоѓа на 62 место на листата а зад неа се Србија, Албанија и БиХ.