Новиот патриотизам значи да се обединиме сите: леви и десни, христијани, муслимани, атеисти во идејата за заедничка иднина – тоа е Македонија за сите луѓе. Ова беше пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибината во Гостивар по повод 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Тој порача дека тоа што мајчиниот јазик претставува за Македонците подеднакво исто значи за јазиците на другите заедници во Македонија. Затоа, ако се бара почит кон сопствениот треба да се понуди почит и за мајчиниот јазик на другиот.
Мицкоски посочи дека јазиците го одбележуваат постоењето на народите и пред почетокот на државите и како такви се е најважниот столб на идентитетот, со кој еден народ го знаат пред светот.
– Мајчиниот јазик е најважното одбележје на еден народ и неговата култура. Навистина тој е идентитетот на луѓето или како што Блаже Конески велеше тој е единствената наша неподелена татковина, мисла која во суштина не одразува територија, туку идентитет на народот, го означува неговото постоење, богатство и неговата лична карта пред целиот свет рече Мицкоски.
Затоа јазикот претставува најважниот столб на идентитетот врз кој се потпира и се гради државата и затоа многу сериозно и со голема претпазливост треба да се приоѓа кога се разговара за секое прашање кое се однесува на јазикот на еден народ рече Мицкоски.
Во стручните научни излагања, проф. д-р Михајло Марковиќ од Универзитетот во Тетово истакна дека македонскиот јазик не може да биде дијалект на друг јазик туку може да биде само спротивното, давајќи примери со лексеми.
– На македонски јазик имаме лексема “прашање“, а на руски и на бугарски имаме “вопрос/впрос“. “Вежба“ е на македонски јазик а имаме “упражнение/упражнение“ и на руски и на бугарски изјави Марковиќ.
За албанскиот и турскиот како мајчини јазици на трибината се обратија професорите Агим Пољоска и Махмут Челик.
– Кога одат автобусите за странство тагуваат и родителите Македонци и родителите Албанци, и Турци и останатите. А, зошто се доведовме до тука?
Затоа што политичарите премногу се гледаат низ нишани. Затоа што креирањето на конфликти стана политичка задача на тие што го водат народот за полесно да ги злоупотребуваат привилегиите што ги носи власта?
Затоа што ако не зборуваат за некакви националистички романтизми и не го трујат народот со отровот на омразата и големите национализми, ќе треба да објаснат на крајот од денот зошто нема водовод и канализација по селата низ Македонија, зошто ги уништуваат општините, зошто тапкаме во место и не одиме кон ЕУ, зошто едно Тетово кое се наоѓа под Шар Планина нема вода за пиење и редица други реални потреби на секој еден граѓанин.
Народот бара иднина, а не зборови. На народот му се потребни сигурност и решавање на проблемите, а не вртлог на национализми, омрази и големи лаги, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар.