Прашањето за европската интеграција на Македонија повторно се наоѓа во центарот на политичките и дипломатските случувања, при што последните пораки од Скопје, Софија и европските партнери укажуваат дека процесот и натаму е оптоварен со различни политички интереси, спротивставени толкувања и недостиг на доверба меѓу двете соседни држави. Додека македонската Влада инсистира на решение што ќе обезбеди долгорочна предвидливост и нема да отвори простор за нови блокади, во Бугарија прашањето за Македонија останува дел од внатрешнополитичката конфронтација, особено во контекст на претседателската изборна кампања.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата седмица во телевизиско гостување, говорејќи околу евроинтеграциите и уставните измени, истакна дека тој пат е тежок поради товарот којшто го оставила владата на СДСМ, но, како што нагласи, оваа Влада ќе продолжи да ги брани интересите на државата и граѓаните.
– Оставете нè да се бориме. Зошто моето право како политичар којшто добил легитимитет од граѓаните да ги брани интересите на оваа држава, ми се оспорува континуирано од одредена група на луѓе? Зошто? Оставете ме да се борам во името на тие коишто ми го дале тоа право, потенцираше Мицкоски.
Додаде дека ваквите процеси траеле и оти товарот оставен од минатата влада е како да се поместува планина за да се мрдне еден милиметар напред. Притоа беше дециден дека нема да преземе ниту еден чекор повеќе додека не биде сигурен дека со тоа ќе се реши целиот проблем.
– И да речам да се фрлам од 10-ти кат и да речам дека ова така е, и јас и цела влада, ќе измислат нешто друго. Додека не бидеме сигурни дека со ова го решаваме целиот проблем, сè додека не бидеме сигурни дека ова е двонасочна улица, ќе се бориме. Јас не сум рекол дека утре, веднаш ќе цутат цвеќињата, птиците ќе пеат и сè ќе биде розево. Не, ова е тежок процес. Кога сте политичар и кога имате чест да водите влада и држава, не можете да ги водите политиките денес за утре. Морате да гледате месеци и години пред вас. Ако вие не сте способен да видите месеци, години, да видите неколку чекори, вие не треба да се занимавате со оваа работа, потенцираше Мицкоски.
Изјавите на премиерот ја потврдуваат позицијата на актуелната Влада дека уставните измени не треба да се третираат како изолиран чекор, туку како дел од поширок процес во кој мора да постои јасност за обврските и очекувањата што следуваат. Но, поширокиот предизвик останува како политичкото инсистирање на гаранции да се претвори во конкретен дипломатски механизам што би имал поддршка и од европските партнери.
Од Софија, пак, минатата седмица дополнителна слика за бугарската политичка позиција даде дебатата меѓу кандидатите за претседател на Бугарија, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, одржана на БНТ. Односите со Македонија и „францускиот предлог“ беа меѓу темите за кои двајцата кандидати разменија спротивставени ставови и обвинувања.
Јотова оцени дека бугарската позиција била спасена во последен момент со интервенција на тогашниот претседател Румен Радев. Таа смета дека нема доволен напредок во заштитата на правата на лицата со бугарска самосвест во Македонија и во справувањето со говорот на омраза.
– Во моето лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од веќе договореното, изјави Јотова и додаде дека Бугарија треба да продолжи да инсистира на исполнување на договорените услови и пред европските партнери.
Таа се осврна и на улогата на институцијата претседател во подготовката на „францускиот предлог“, посочувајќи дека тогашниот министер за надворешни работи често одел во кабинетот на Радев за заеднички да работат на документот, вклучително и со претставници на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Во неделата (1 ноември) во Бугарија се одржа вториот круг од претседатеските избори на кои Јотова беше фаворит.
08 Nov 2026